Фото: Јованка Гроздановска
По концертот на Васил Гарванлиев во Куршумли Ан

И се измешаа песни, музички стилови, џез, етно, класика, поп….Допираа до нас најразлични звуци, а нишката која сето тоа го обедини беше гласот на Васил Гарванлиев, ѕвонлив и моќен, а истовремено толку нежен и топол

Васил Гарванлиев својот прв самостоен концерт во Скопје, што се одржа во волшебниот амбиент на Куршумли Ан, во Старата чаршија, го започна пеејќи ја песната „Ѓердан“, создадена пред пет години, кога како феникс се појави пред македонската публика, па со својот силен, пробивен глас уште веднаш не погали и ни порача дека патува каде јавето е исполнет сон и за миг не внесе во својот свет.

Со втората песна „Желба од срце“, што првпат ја исполнил пред точно 30 години на сцената на детскиот музички фестивал „Калинка“, ни порача дека треба да внимаваме што посакуваме, зашто и покрај се желбите се остваруваат, а една од нив е токму овој концерт на кој присуствуваме.

Фото: Јованка Гроздановска

-Уште кога првпат запеав во овој амбиент, знаев дека токму тука би сакал да се одржи мојот прв концерт во Скопје. Всушност ова е почеток на мојата светска турнеја, и по настапот во Струмица, во четврток, во театарот „Антон Панов“, сето ова што вие ќе го слушнете вечерва ќе прозвучи на многу места на планетата. Додека го подготвував материјалот во Чикаго, САД, каде што живеам и работам, си ветив дека токму оттука, од Скопје, ќе започне овојпат моето музичко патување – рече Васил.

Оваа уникатна вечер всушност беше замислена како перфопрманс, со пеење, танцување, свирење, глума и интерактивен контакт со публиката, која дојде во голем број. И се измешаа песни, музички стилови, џез, етно, класика, поп. Допираа до нас најразлични звуци, а нишката која сето тоа го обедини беше гласот на Васил Гарванлиев, ѕвонлив и моќен, а истовремено толку нежен и топол.

Фото: Марија Таушанска

Слушнавме и букет од познати македонски песни, во чија изведба помогнаа и: Давор Јордановски на клавир, Оливер Јосифовски од „Љубојна“ на бас, Ратко Даутовски на перкусии, Саше на кавал, Горан Алиќ на гитара, Ѓорѓи Трајков на класична гитара, музичарите од „Полифонија“, хорот „Злата Мегледнска“, балерини. Освен етно биери, меѓу кои никого не го оставија рамнодушен неговите верзии на песната „Јовано, Јованке“, „Зајди, зајди“…, евергирни („Чија си“, „Си заљубив едно моме“, „Километри“…), премиерно беше изведена песна..„Крајот“, за која тој е автор на музиката, а Роберт Зимбаков го напиша текстот.

Секако овој коцнерт не можеше да се замисли без евровизиските; „Here I Stand“ и „You“, во чија изведба и публиката активно учествуваше.

Фото: Јованка Гроздановска

Васил отпеа уште неколку мелодии, на макеоднски и на англиски, а по околу еден час, ова емотивно музичко патување се доближуваше до својот крај со песната „Патувам“.

Во неа меѓу другото вели дека патува со „празен ранец и полна душа“, но веруваме дека неговиот ранец сега е полн со аплаузи, извици браво, со многу прегратки и комплименти, кои се повеќе од заслуежени по синоќешната средба со скопјани.

А на самиот крај, прозвуче и безвременската песна „Параходот си замина“, а публиката во која имаше негови блиски, колеги, пријатели, поддржувачи, простум го поздрави Васил, кој пред неа истури цело богатство од песни и моции.

А за да се стигне дотука и уште подалеку не беше лесно сите овие години, но ете Гарванлиев ги прескокна сите пречки и застана пред нас победнички, а и неговиот глас звучеше така.

Фото: Марија Таушанска

„Живееме во тешки времиња, но мораме да веруваме во себе, мораме да се сакаме и да не губиме надеж“, порача тој. А токму концерт каков што беше овој, во вековниот Куршумли Ан, е доказ дека убавината секогаш има мала предност во животот, доколку и даддеме шанса.

Концертот беше бесплатен, но со можност да се донира за деца од ранливи категории, а Македонската телевизија го снимаше и одложно ќе го емитува на својата програма.

Фото: Марија Таушанска