Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во своето 57. издание, под мотото „Враќање дома“, воведува содржини во текот на целата година. Меѓу нив е едукативната работилница, предводена од режисерот и едукатор Милош Б. Андоновски, а ќе биде наменета за наставници и ученици од прилепските основни училишта „Кочо Рацин“ и „Св. Климент Охридски“ и средните училишта „Мирче Ацев“ и „Ѓорче Петров“.
Фокусот е истражување и проучување на театарската уметност и нејзините сфери: актерството, драмското пишување, сценографијата, костимографијата, критиката.
– Овој концепт и воведувањето на едукативната програма не само што го прават фестивалот поотворен од кога било туку нудат и ретка можност за меѓугенерациско учење: наставници, ученици и актери на различна возраст заедно да работат и да учат едни од други. Целта на оваа едукативна програма во рамките на МТФ „Чернодрински“ е само првиот чекор кон она што сите нѐ чека по завршувањето на фестивалот – генерирањето нова публика и нови очи, кои повторно и повторно ќе му се враќаат на гледањето театар – вели режисерот Андоновски.
Тој дополнува дека во работилниците се вклучуваат и неколкумина актери од прилепскиот ансамбл, кои ќе се среќаваат со учениците и наставниците еднаш неделно, сѐ до почетокот на фестивалот во јуни.
Месечните работилници ќе бидат тематски одредени и поврзани со драмата „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, кој, наедно, е и автор во фокусот на 57-то издание на фестивалот.
Директорката на фестивалот Ана Стојаноска посочува дека секоја година ќе ротираат по две средни и две основни училишта. Според Стојаноска, до почетокот на февруари ќе има и презентација на сработеното.
Ка.М.