Со изложба на хрватската писателка започнува „Крик“

Со отворањето на изложбата „Црвеното училиште“ на писателката Дубравка Угрешиќ вечерва, со почеток во 19.30 часот, во културниот центар „Јадро“ почнува деветтото издание на „Крик“ – фестивал за критичка култура, во организација на „Контрапункт“. На отворањето на изложбата ќе говорат Маја Бојаџиевска и Петар Милат. Фестивалот годинава се одржува во тематската рамка „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“. В сабота, (27 април) е организирано ексклузивно водење низ изложбата во 18.30 часот, со Петар Милат (Мултимедијален институт, Загреб). Изложбата ќе биде отворена до 9 мај, кога со почеток во 19.30 часот ќе се одржи и промоција на четири книги од Дубравка Угрешиќ, проследена со разговор.
– На почетокот на војната во Југославија, во рацете на Дубравка Угрешиќ случајно се нашол еден учебник, кој според годината на издавање лесно би можел да биде и нејзин. Пред писателката одненадеж искрснале два света – дамнешен, заборавен свет на учебникот – книгата за почетници, кој ветувал среќна иднина, и другиот, стварниот, кој таа иднина брутално ја оспорувал. Таа епизода ја поттикнала Дубравка Угрешиќ на собирање учебници, а резултира со низа дела и текстови што се претставени на оваа изложба – велат организаторите.
Угрешиќ одговара на прашањето со што точно се занимава во „Црвеното училиште“.
– Искрено, не знам. Вистина, не ми се туѓи поимите како апоприејшн арт, интервеншн арт, соц-арт… своевремено бев маѓепсана со концептот соц-арт на уметниците Илја Кабаков и Александар Меламид, на писателот Лев Рубинштајн и други. Го открив и искривоколчениот аматеризам на Хенри Даргер, го сакам југословенскиот соц-артист Душан Оташевиќ, ги обожавам филмовите на Душан Макавеев, но мислам дека одговорот не треба да го бараме во таа насока. Јас никако не сум „уметница“ и сѐ што е на изложбата е рециклажа, постапка на очудување или зачудност, кои настојувам да ги постигнам со мали интервенции. Што се однесува на интервенциите, и во нив користам училишни техники: повторување на мотивите, прецртување, истакнување, затскривање и слично. Кога велам дека сѐ е рециклажа, тоа пред сѐ се однесува на материјалот со кој се служам. Нема ниту една моја реченица, ниту еден мој цртеж (бидејќи не сум уметница). Тоа, од денешна перспектива, е археолошки материјал, а со тој вид археологија малку кој се занимава – има изјавено познатата писателка, која почина минатата година.
Посетителите на оваа изложба ќе ги воочат остатоците од минијатурното црвено училиште, купени одамна во некоја амстердамска старинарница, како и нејзината опсесивна (зло)употреба на петокраката ѕвезда и српот и чеканот.

– Од денот кога Хрватска е прогласена за независна држава, а оттогаш до денес поминаа точно триесет години, хрватското ментално и визуелно поле постепено го окупираа свастики, црни како бубашваби, во сите големини. Петокраките ѕвезди расфрлани низ моите „дреболии“ спаѓаат во компулзивен гест на еден губитник. Иако „црвената ѕвезда“ не беше мојот идеолошки беџ, ниту пак во моето детство нејзината присутност беше нападна, сепак, како што би можело да се заклучи, судејќи по моите дела, таа стана присутна. Црвената ѕвезда не е ниту одбрана ниту заштита, ниту пак политичка стратегија. Таа е оној тивок, но постојан аларм. Бипер. Црвената ѕвезда е тука за да се постави прашањето дали сите оние свастики – бубашваби навистина нѐ поплавија – вели Угрешиќ.
Дубравка Угрешиќ (1949-2023) е авторка на книгите „Поза за проза“, „Штефица Цек во челустите на животот“, „Животот е бајка“, „Форсирање на романот-река“, „Музеј на безусловното предавство“, „Забрането читање“, „Министерство на болката“, „Никого нема дома“, „Тука нема ништо!“, „Нарилник за вештерки“. Таа живееше и работеше во Амстердам.
Изложбата е во организација и пријателско партнерство помеѓу Мултимедијалниот институт (Загреб) и „Контрапункт/Крик“ – фестивал за критичка култура. В.Д.