Фестивал посветен на детската креативност

„Млади европски приказни, млади креативци“ е насловен фестивалот посветен на детската креативност и книжевноста за деца, кој завршува утре, а траеше во изминатите денови на пет локации во Скопје, во организација на издавачката куќа „Чудна шума“. На фестивалот учествуваа повеќе македонски автори и илустратори за деца и неколку издавачки куќи, а во фокусот на фестивалот беа креативните работилници за деца и млади со различни возрасти, промоции, читања и претставувања книги за деца и млади.

Посетителите имаа можност да погледнат и изложби, камишибаи-претстава и да бидат дел од едно поинакво искуство. Работилници одржаа авторите и илустратори: Ирина Атанаскова, Небуше Ајети, Наташа Костовска, Билјана С. Црвенковска, Симона Јованоска, Алексеј Костовски, Нита Муча, Доротеј Нешовски…, а беа промовирани книгите: „Sуница“ од Бранислав Николовски, со илустрации на Иванка Ниба и „Седумте Некоиси и седумте македонски композитори“ на авторите Бистра Георгиева и Александар Трајковски, со илустрации на Наталија Лукомска.

– Книжевната и творечка манифестација за деца првпат се одржа минатата година, а годинешното издание е малку поинакво – фокусот е исклучиво на децата и сите содржини се наменети и приспособени за нив. Ќе изработуваме и дизајни на маички со Небуше Ајети, кукли од чорапи со Наташа Костовска, ќе имаме првпат изложба на илустрации на разгледници, одлични промоции на книги за деца каде што повторно фокусот ќе биде на децата – ќе бидат забавни, ќе вклучуваат и пеење и интеракција…, а во соработка со градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе имаме и организирани креативни работилници за деца од неколку основни училишта и градинки во Скопје – вели Билјана Црвенковска од „Чудна шума“.

Во рамките на фестивалот, денеска и утре во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и нејзините централни објекти – библиотеката „Другарче“ и библиотеката „Цветан Димов“ (Чаир), се одржуваат креативни работилници за деца од градинки и основни училишта што ќе ги водат писателката Билјана С. Црвенковска и уметниците Доротеј Нешовски, Небуше Ајети и Наташа Костовска. С.Ј.