Подготвил: Mарјан Велевски

„Газпром“ на 30 мај постави нов историски рекорд во дневните испораки на гас за Кина преку гасоводот „Силата на Сибир“. Според повеќе специјализирани медиуми од областа на енергетиката се објавува дека „на 30 мај испораката на руски гас од „Газпром“, преку гасоводот „Силата на Сибир“ за кинеската страна, уште еднаш ги надмина дневните договорни меѓусебни обврски“. И од „Газпром“ во јавноста потврдија дека ги испорачале сите барани количества, поставувајќи нов историски рекорд за дневна испорака на гас во Кина.

Испораките се вршат според билатералниот долгорочен договор за купување и продажба на гас меѓу „Газпром“ и кинеската ЦНПЦ. До крајот на 2022 година, Русија извезла 15,5 милијарди кубни метри гас во Кина преку гасоводот „Силата на Сибир“. Испораките на руски гас во Кина преку „Силата на Сибир“ во 2023 година се проценува дека ќе изнесуваат 22 милијарди кубни метри. Гасоводот „Силата на Сибир“ е најголемиот систем за транспорт на гас на истокот на Русија со извозен капацитет од 38 милијарди кубни метри гас годишно.

Првите испораки на руски гас за Кина преку таа маршрута започнаа во декември 2019 година, според 30-годишниот договор потпишан во 2014 година меѓу „Газпром“ и кинеската ЦНПЦ. Вредноста на договорот достигнува 400 милијарди долари. Планираниот максимален капацитет на проектот од 38 милијарди кубни метри се очекува да биде достигнат до 2025 година.