фото: Ка.М.

Многу активности, промоции, презентации, претстави беа дел од програмата посветена на Горан Стефановски во рамките на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“. Горан Стефановски годинава е Автор во фокус на фестивалот.
Почнувајќи од 10 часот во киното „Мис Стон“, беше изведена претставата „Јане Задрогаз“, а во неа играа учесниците на едукативните работилници во рамките на програмата „Чернодрински за деца“, што се реализираше во текот на измината година предводени од режисерот Милош Б. Андоновски и „Театар за сите“, а под менторство на актерите Игор Трпчески и Илија Волчески. Во истиот термин ќе биде отворена и Детската зона, поддржана од фондацијата „Чекор по чекор“.

Во 11 часот беше промовирана книгата „Од текст до претстава“ од Тодорка Балова, а се водеа и разговорите на тркалезната маса за претставата „Иванов“, што синоќа ја изведе Македонскиот народен театар во рамките на официјалната селекција.

фото: Ка.М.

Во 13 часот во фоајето на Центарот за култура, публиката дозна повеќе за неодамна формираната фондација „Горан Стефановски“ на Факултет за драмски уметности – Скопје при Универзитетот „Кирил и Методиј“. Исто беше презентирана и наградата „Горан Стефановски“, што ја востановува Драмскиот театар од Скопје.
Публиката во Прилеп слушна повеќе и за аудиодрамите на Горан Стефановски, што ги реализира платформата „Самоглас“. Станува збор за три драми – „Диво месо“, „Гоце“ и „Дупло дно“.
Во продукција на ФДУ во 18:30 часот во ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде прикажан филм посветен на Стефановски. Две претстави што се дел од програмата на третиот фестивалски ден, вечерва ќе бидат според текстот „Црна дупка“ на Стефановски. Во 20 часот ќе гостуваат актерите од Театарот „Антон Панов“ од Струмица, во претстава што ја режираше Љупчо Ѓоргиевски. Улогите ги толкуваат: Васил Михаил, Танкица Стојанова, Анкица Бенинова, Јасмина Вучкова, Кире Ѓоргиев, Елисавета Бончева, Коста Ангов, Ангелина Тренчева-Ангелова, Јулија Милкова, Стојан Велков-Трн, Илија Младенов и Теодора Арсов.
Во 22 часот следува дипломската претстава на студенти од ФДУ.
Вчера започна и првата работилница во рамките на придружната програма на фестивалот, што ја води драматургот Ана Ристоска-Трпеноска.

Ка.М.