Првата самостајно изложба на Стефанка Коцева од Кавадарци која синоќа беше отворена во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ ја потврдува определбата на оваа институција од културата која недвојбено им дава можност за јавно презентирање на уметниците аматери. Бројната публика на овој настан покажа дека и тоа како може да биде интересна другата креативна страна на уметниците аматреи кои се наши сограѓани или на било кој друг начин се дел од нашето секојдневие.
Имено, Стефанка Коцева е по професија психолог која своето образование го заокружува со завршување на магистерски студии од областа на клиничката психологија во 2006 година. Вработена е во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност во Кавадарци, сопруга и мајка на три деца. Сликањето за неа е хоби кое го практикува во слободното време. Бидејќи покрај сликањето се занимава и со одгледување на цвеќе, украсување и декорација на цветни аранжмани нејзината преокупација со цвеќето и нанејзините платна таа го објаснува со големата љубов што ја наследила од нејзиниот татко.
– Оваа изложба за мене има големо значење бидејќи му ја посветувам на мојот покоен
татко. Овој мој прв цеклус на слики насловен едноставно само „Цвеќиња“ кој се осмелив да ги изложам пред јавноста всушност ја отсликува големата љубов и грижата која татко ми ја негуваше према цвеќето и таа љубов и грижа успеа да ја пренесе и на неговите најблиски. Горда сум што успеав со моите цветни мотиви да доловам и пренесам барем мал дел од целата таа цветна убавина на моите платна и за тоа мнугу му благодарам на моето семејство што имаше разбирање и ми го овозможи тоа – вели Стефанка Коцева.
Директорката на домот на културата Јулијна Туриманџова во своето обраќање особено ја истакна потребата да им се дава можност на вакви талентирани автори како што е Стефанка Коцева што воедно ќе претставува поттик и нова мотивација за создавање на други дела и охрабрување на други талентирани уметници. За неа Коцева со својот исклучителен талент и љубов кон природата внесе нова светлина во галеријата раскажувајќи различна приказна со секој нејзин насликан цвет. Целиот настан осмислен како ликовно музички преформанс со дегустација на вина и добра храна беше само уште една потврда дека по долгата пауза и ограничувања заради пандемијата публиката се враќа во галериите и културните установи. Ми.М.