Еден од бисерите на балетската уметност, „Есмералда“, од италијанскиот композитор Чезаре Пуњи, ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет вечерва, со почеток во 20 часот. Приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква“ од Виктор Иго, ќе се изведе под диригентската палка на Бисера Чадловска, а ќе ја пренесе реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин, раскошната сценографија и костимографија се на Живојин Трајановиќ и на Љупка Ристовска, концерт-мајстор е Климент Тодороски.
Во насловната улога ќе настапи примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска, во улогата на Феб ќе настапи Франциско Хименез Руиз (Шпанија), во улогата на Флер де Лис – Ивана Коцевска, во улогата на Гудула ќе настапи Ангела Богатинова, Клод Фроло е Мирослав Митрашиновиќ, Квазимодо: Јан Кисилев.
Настапуваат балетските солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.