Фото: Пиксабеј

Режисерот оскаровец Стивен Спилберг се закити со уште еден трофеј – награда за животно дело – која му беше врачена во рамки на Берлинскиот филмски фестивал.

Еден ден потоа, медиумите ја пофалија неговата решеност да продолжи да снима без разлика на неговата возраст.

Во говорот по добивањето на златната мечка, Спилберг изјави дека можноста за снимање нови филмови и понатаму го возбудува иако има 76 години.

Режисерот, чии заслуги вклучуваат некои од најуспешните и најомилени дела во историјата на кинематографијата, меѓу кои „Е.Т. Вонземјанинот“, „Ајкула“, „Индијана Џонс“ и многу други, штотуку заврши два филма еден по друг: полуавтобиографскиот „Фабелман“ и „Приказната од западната страна“, адаптација на Бродвејски мјузикл од 1957 година.

– Што и да беше тоа што ме обзеде како мало дете е истото чувство што го имав сите тие децении подоцна. Кога ќе најдам книга или сценарио или ќе дојдам до оригинална идеја што мислам дека би направила добар филм: таа возбуда… надминува сè – им рече тој на новинарите во вторникот.

Спилберг сега го финализира сценариото оставено недовршено од неговиот близок пријател Стенли Кјубрик, кој почина во 1999 година.

– Подготвуваме голема продукција за ХБО заснована на оригиналното сценарио на Стенли, под наслов „Наполеон“, лимитирана серија од седум епизоди – изјави Спилберг.

Спилберг, познат по своите достапни, уверливи филмови, ги советуваше идните филмаџии да започнат со приказна.

– Ако сакате да бидете филмски режисер, пред сè пишувајте. Затоа што приказните ќе ја натераат публиката да ви обрне внимание вам, а не кадрите – рече тој.