Со поддршка од Амбасадата на Швајцарија, во Скопје, Кавадарци и во Виница се изработени нови мозаици

На дел од надворешниот ѕид на Природонаучниот музеј во Скопје, утре, со почеток во 11 часот, ќе се одвива завршниот дел од изработката на мозаик-инсталацијата, која во должина од 32 квадратни метри ја изработија уметниците: Блашка Милева, Санда Миева, Марк Јанура и Јасмина Бошевска. Граѓаните се поканети да дојдат и заедно со мозаичарите да постават камче на овој нов мозаик во градот. Тој е изработен во рамките на проектот „Мозаик-инсталација како култура и современо живеење“, на здружението „Добре дојде – Македонија велкам центар“, со поддршка од Амбасадата на Швајцарија во земјава. Дел од проектот веќе е реализиран во Градскиот парк во Виница од мозаичарите: Александра Димитрова, Марија Мицова Гацова, како и во Винскиот музеј – Кавадарци од страна на мозаичарите: Симона Манчевска, Соња Самарџиева и Димитар Самариев.
– Проектот има цел во три општини (Виница, Кавадарци и Скопје) со вкупна површина од околу 90 квадратни метри да го промовира мозаикот како уметност и како занает, врз основите на мозаик-традициите што ги имаме во наследство, како и врз основа на модерните текови во ова поле. Македонија изобилува со мозаици од времето на античкиот период, но, за жал, современиот мозаик во денешно време е многу малку застапен. Со овој проект токму сакавме да ја издигнеме свесноста за оваа традиционална вештина и со овие мозаик-инсталации успеавме да ги привлечеме младите да ја продолжат оваа културна традиција во современи услови. Мозаиците ги изработуваме од рециклиран материјал: природни камења, мермер, керамика, стакло, плочки. Со ова ги поттикнуваме принципите на „зелената култура“, со цел и културата да работи во правец на заштита на животната средина. Проектот ќе остави траен белег на заедничката работа на граѓаните, ќе биде симбол на граѓански активизам, единство, убавина и естетика. Во него беа вклучени студенти, деца, случајни минувачи, странци, сите граѓани имаа можност да учествуваат и заедно со локални уметници, со мозаичари, камче по камче да создадат уметничко дело. Од рециклирани материјали до уметничко дело! – изјавија од „Добре дојде – Македонија велкам центар“, здружение што повеќе од 12 години работи на полето на културната дипломатија, на промоција на државава преку културата.

Тие во оваа пригода укажаа и дека се катче на културна интеракција каде што ја промовираат македонската мултикултура, историја, традиција, а дипломатите преку своите амбасади ја промовираат странската, различна култура во Македонија. Во тeкот на овие години реализирале голем број проекти од областа на културата, туризмот, екологијата.
– Повеќе од еден месец работиме во јавен простор и се соочуваме со секојдневни реакции од минувачите, кои не секогаш се позитивни. Децата што поминуваа секогаш беа воодушевени и со голем интерес сакаа да се вклучат во мозаикот. Со радост и задоволство оставаа свој белег со камче-мозаик, за разлика од возрасните, кои честопати не ги почитуваа поставените мерки околу работата на мозаикот. Најголемиот проблем беше некултурата на граѓаните, кои секојдневно фрлаа секакви отпадоци до него и притоа од „Комунална хигиена“ не беше чистен просторот, па бевме принудени секое утро да чистиме ние. Еден апел до сите граѓани, но и до Град Скопје и „Комунална хигиена“, отпадоците кои ги фрлате на земја, а не во канти, се дел од некултурата и немањето почит кон уметниците и монументалната уметност!

Доколку некоја уметност е на јавен простор, не смее да подразбира запоставување и игнорирање, туку напротив, станува обележје на еден град и треба секој да се потруди да ја зачува како културно наследство. Се надевам дека со овој проект ќе успееме да ја разбудиме свесноста на луѓето за ваквите проекти, бидејќи во него е вложен огромен труд со илјадници камчиња-мозаик – ги пренесе своите искуства од работата, уметницата Блашка Милева, авторка на еден од мозаиците, инсталацијата на ѕидот на Природонаучниот музеј.