Во галеријата „Кo-ра“, мал салон – сутерен, отворена е самостојната изложба на скулптури на младиот академски скулптор Филип Цакоски. Изложбата е насловена „Обвивки“.
Цакоски првпат се претставува со избор на дела од неговите рецентни остварувања работени во повеќе техники, мермер, асфалт, гипс, полиестерна смола, бетон, цемент и комбинирана техника.
Овој проект е поддржан од Град Скопје.
– Концептот на изложбата „Обвивки“ е социолошка анализа или едноставно „согледување“ на човекот како емотивно битие, во речиси меланхоличен свет. Истражување на видливото и површното во едно општество. Самиот наслов е метафора и целта е да прикаже емотивни обвивки, ментални ѕидови, внатрешни борби, незадоволства, закопани зад насмевката, или стоицизам зад преплашено срце. Тргнувајќи од себеси, сметам дека сите имаме свои ѕидови, штитови, обвивки, закрила и што уште не. За да прикажам еден друг јас, за да видам еден поинаков ти, па така ние, за да се заштитиме еден друг, криејќи ги маните, траумите, незадоволствата и чувствата – истакнува скулпторот Филип Цакоски.
Филип Цакоски е роден во 1998 година во Прилеп. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, отсек вајарство, модул сценографија, во класата на проф. м-р Жарко Башески. Член на ДЛУМ од 2020 година, учесник на повеќе групни изложби и настани, во земјава и надвор од неа.