Сандра Ѓоргиева, режисерка и монтажерка

Сандра Ѓоргиева по професија е монтажерка, дипломирала на Факултетот за драмски уметности, отсек филмска и ТВ-монтажа. Таа е режисерка и монтажерка на првиот македонски мјузикл „Црно и бело“. Станува збор за нејзин дипломски филм, кој веќе се закити со неколку награди.

Како дојде до тоа да ја претворите креативната енергија во мјузикл?
– Мјузиклот го гледам како форма во која се обединети сите мои љубови во едно: филм, музика и танц. Убаво ми е кога се враќам на постарите мјузикли: „Приказна од западната страна, „Мери Попинс“ или поновите „Свини Тод“ и „Танчар во темнината“. Уживам кога ги слушам репликите како стихови во рима, кога музиката градира за одеднаш да застане, и во тишина да се каже важна реплика, а потоа сѐ да продолжи низ побогат аранжман. Убавината на мјузиклот е животната енергија што ја дава додека се гледа, скришното танцување со нозете додека се слуша, мелодијата заглавена во глава денови отпосле. Приказната за која сакав да направам филм беше податлива за оваа форма. Инаку, да се смислува приказна само за да одговара на однапред поставен жанр е нечесен пристап кон филмот.

Што сакавте да раскажете со „Црно и бело“?
– „Црно и бело“ е приказна за синџирот на фрустрации што продолжува низ генерациите и негово конечно кршење. Приказна за тоа како од изворот на негативна енергија и емоција, нетрпение и некомуникација, се раѓаат особини и тригери што подоцна влијаат во животот. Често околу нас ќе сретнеме тажни луѓе што изгледаат постаро од што се, луѓе што го влечат детето за рака како кукла, што немаат идеја што сакаат да студираат или да работат. Преку ликот на Јелена (Јелена Јованова) треба да се соочиме со спомените што ни ја контролираат сегашноста. Замислете секој да има слобода и поддршка да го работи тоа што го сака, светот би бил исполнет со повеќе музика и бои, баш како светот на Јована.

Филмот периодов беше дел од повеќе фестивали. Какви реакции добивте?
– По проекцијата во 2019-та во МКЦ, филмот беше на неколку домашни и странски фестивали, кои поради пандемијата беа онлајн и не бев во можност да присуствувам и во живо да ја почуствувал емоцијата на публиката. Сепак, најдраго ми е кога ќе ми кажат луѓе дека се пронашле во филмот.

Колку е комплексно да се направи мјузикл?
– Има разлика од музички филм и мјузикл. Мјузикл е кога ќе ги извадиш музичките делови, приказната ќе нема смисла, нема да е јасна. Инаку важат истите правила како и за секој друг жанр. Секој елемент треба да е во склад со приказната и да ѝ служи. Пеењето и танцувањето да не ѝ наштетат на глумата и обратно. Ликовите не мора секогаш да танцуваат, но ако е присутно тоа, мора да има смисла, да ја дополнува приказната. Фотографијата да е визуелно привлечна, богата, секој кадар да е слика. Обично има поголем број актери во сцените и тоа е голем предизвик за режирање. Секогаш кога гледам мјузикл, чувствувам восхит кон целата екипа што работела. Во исто време, имам огромна благодарност кон екипата што работеше на „Црно и бело“, за целата нивна предаденост и верба, иако не знаевме во што се впуштаме.

Како авторка на првиот мјузикл кај нас, дали се сметате за пионер?
– Не ми беше идејата да оставам печат, сѐ уште имам многу за учење, за впивање. Овој филм го доживувам како вежба, како прекрасни моменти, соработка, емоции и разменети енергии, како можност да го пренесам својот восхит кон мјузиклот. Криво ми е што повеќето луѓе се затворени кон оваа форма. Често ќе наидам на коментари дека или немаат трпение да гледаат мјузикли или пеењето ги вади од филмот. Јас во тој случај ги охрабрувам да ги гледаат постарите мјузикли, каде што сѐ е направено генијално и ткивно е поврзано.

Работите на нов краток филм…
– Последен проект на кој работев како монтажерка ми беше документарниот филм „Сите ќе умреме“, во режија на Сашко Потер Мицевски. Следно е краток игран филм, на кој се потпишувам како сценаристка и режисерка. Тој нема да биде мјузикл. Едноставно, приказната си бара друг жанр. Филмот е во продукција на „ОХО продукција“, со поддршка на Агенцијата за филм, и треба да се снима годинава. Се работи за грижата на совест и социјалната одговорност, нешто што ме интересира како проблем.