Слика на Бенкси сега наречено „Љубовта е в ѓубре“, а претходно позната како „Девојчето со балон“ се очекува на аукција во Лондон да се продаде за неколку милиони евра. Ова е едно од најпознатите дела на британскиот „скриен уметник“.

Делото ќе биде понудено во аукциската куќа „Сотби“ во Лондон, а проценетата продажна цена на сликата, е од четири до шест милиони британски фунти (пет – седум милиони евра).

Првото платно се продаде за речиси 1,1 милиони фунти на истото место во октомври 2018 година. И делумно искинатото платно прикажува мало дете кое се протега кон црвениот балон во облик на срце. Оригиналот, што првпат се појави на ѕид во Источен Лондон, повеќепати се копираше на платно, интернет, а и во реклами на познати светски брендови.

Британскиот печат го нарече едно од најзначајните уметнички дела од почетокот на 21 век. Алекс Бранчик, претседател на одделот за современа уметност во „Сотби“, смета дека трикот на Бенкси е во тоа што „не го уништил уметничкото дело со тоа што го скинал, туку го создал такво“, овојпат.

Во март, делото во чест на негувателите на болни од коронавирус донесе на аукција рекордни 14,4 милиони фунти, коишто ѝ беа дарувани на државната Национална здравствена служба.