Познатиот словенечки филозоф Славој Жижек зборуваше на актуелни теми на онлајн промоцијата на неговата нова книга „Пандемија“, преведена на македонски јазик во издание на „Арс ламина – публикации“.
– Правилата дека треба да се мијат раце, да се избегнуваат блиски контакти, сето тоа помага. Но основно е тоа дека ни требаат мерки. Јас ги нарекувам „комунистички мерки“, а овие мерки не треба да се однесуваат само на здравјето. Ќе имаме проблеми, од снабдувањето со храна до менталното здравје. Мораме, конечно, да го сфатиме ова сериозно – рече тој.

Во разговорот помеѓу уредникот на изданието Филип Видиновски и Жижек, чие дело има поднаслов „Ковид-19 го тресе светот“, познатиот филозоф се осврнува кон тоа како ќе го трансформира пандемија светот во кој живееме.
– Она на што бев сведок овде е дека ние знаеме само за две екстремности или луѓето се во паника или велат „готово е, да се вратиме на нормалниот живот“. Она што ни треба не е паника туку, конечно, да го сфатиме ова сериозно. И навистина да се мобилизираме. Инаку, ова само ќе продолжи – вели Жижек.
Во разговорот тој ги анализира мерките што ги преземаат светските лидери и недостатоците во начинот на кој се справуваме со пандемијата. Решенијата на американскиот претседател Доналд Трамп и на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кои пропагираат да се отвори економијата, ги нарекува варварски и го опишува како лотарија односно „кој преживее, ќе преживее“. Тој смета дека се потребни добро организирани локални заедници. На крајот од разговорот, тој се осврна и на Македонија.

– Кога бев во вашата земја со мојата жена, се изненадив од тоа што имате сериозен интелектуален живот. Има круг на луѓе што читаат, дебатираат и така натаму. И сите ние сме загрижени дека во една ваква ситуација, во која популизмот експлодира, културата ќе страда. Се разбира, многу обични луѓе сметаат дека ова е вонредна ситуација, дека нема потреба од култура, дека е време за обезбедување на основните работи. И можат да се скратат средствата за културата. Тоа е она што навистина ме загрижува – заврши Жижек.