Минатата година мрежата се зголеми со пет нови града. Во неа, освен Битола, членуваат и Брадфорд, Бристол, Бусан, Галвеј, Лоѓ, Мумбај, Потсдам, Чингдао, Рим, Сантос, Сараево, Софија, Сиднеј, Тераса, Ваљадолид, Велингтон и Јамагата

Битола е дел од новата веб-страница што поврзува 18 града од кластерот за филм од мрежата на креативни градови на УНЕСКО. Веб-страницата вклучува опис на градовите и на тоа што се работи во филмската индустрија во нив и има цел да ја зајакне нивната соработка. На повеќејазичната веб-страницата се содржани профилот за секој град член, добри примери и вести за соработка и можности за соработка меѓу членовите.
– Сите градови од мрежата се посветени на идејата за одржлив културен развој и продлабочување на соработката преку заеднички активности и проекти. Првпат на едно место се содржани сите информации за сите членки. Секој може да пристапи до страницата од каде било во светот и да прочита повеќе за активностите на филмските градови. Битола од 2015 година е рамноправна членка на кластерот на креативните градови. Таа е единствен град од Македонија во сите кластери на мрежата на креативни градови на УНЕСКО, кои претставуваат движечка сила во која креативноста ќе биде поттикнувач на економскиот раст – вели Весна Ристовска од Центарот за филм – Битола.

Според неа, оваа платформа ќе биде голема помош за постигнување подобри резултати во областа на креативниот сектор.
– Со оглед на тековната пандемија, никогаш не било поважно да останеме поврзани дигитално. Со оглед на фактот дека денес од вкупната светска популација 4 милијарди луѓе живеат во градови, оваа иницијатива со вмрежување на креативните градови е добра можност во културата и креативниот сектор да се создаваат позитивни трендови за одржлив урбан развој и да бидат платформа за акција и иновации, кои ќе овозможат интеграција на културата во програмата на УНЕСКО за одржлив развој до 2030 година – вели таа.
Елена Бојаџиева-Цветковска од Унијата на асоцијации во креативните индустрии посочува дека оваа организација е посветена на зајакнување на одржливоста на градовите преку совети за политики, техничка помош и градење капацитети, во областа на културата и креативните индустрии, образованието, комуникацијата и развојот и дека тоа е нешто што градовите членови треба максимално да го користат.

Минатата година мрежата се зголеми значително со пет нови града. Во неа, освен Битола, членуваат и Брадфорд, Бристол, Бусан, Галвеј, Лоѓ, Мумбај, Потсдам, Чингдао, Рим, Сантос, Сараево, Софија, Сиднеј, Тераса, Ваљадолид, Велингтон и Јамагата.
Од 25 до 28 август Битола повторно е домаќин на вториот Форум на креативните градови од мрежата на темата „Улогата на иновациите и едукацијата во локалниот развој на градовите“. Форумот е од особено значење за афирмирање на можностите на Битола и воопшто на нашата држава и поврзување и зголемување на соработката со другите градови што се дел од мрежата. Овој настан го организира Центарот за филм – Битола.