„Македоника литера“ го објави романот „Имот“ на италијанскиот писател Федериго Тоци (1883 – 1920), во превод од италијански на македонски јазик на Анета Симовска. Овој роман со кој Тоци влезе во историјата на италијанската литература, а критиката го споредуваше со Кафка и со Достоевски, се смета за значајно дело на италијанската литература од првите децении на 20 век. Во „Имот“ тој ги опишува светот на немирот, неспокојот и стравот одредени од контактот со реалноста што е заканувачка, мрачна и агресивна.
Федериго Тоци, долго време неразбран и неприфатен, повторно е вреднуван многу години по смртта и веќе е сметан за еден од најважните италијански раскажувачи на дваесеттиот век и е предмет на сѐ поголемо критичко внимание. Меѓу неговите раскажувачки дела позначајни се: „Со затворени очи“ (1919), „Млади и други новели“ (1920), „Три крста“ (1920), „Сеќавања на еден службеник“ (1920). Национална слава достигнува во 1920 година, кога Боргезе го дефинира „Три крста“ како ремек-дело на реализмот. „Три крста“ излегло во февруари 1920 г., а Федериго Тоци починал на 21 март од пневмонија. Романите „Имот“ и „Егоисти“ излегуваат постхумно. Во историјата на италијанската литература влегува во шеесеттите години, кога критичарите ја ревидирале процената за неговото дело, проширувајќи го неговиот опсег од реализам до симболика, а неговото име го споредиле со Кафка и со Достоевски.