Околу 4000 година пред новата ера се населиле меѓу реките Тигар и Еуфрат и оставиле зад себе голем број докази за тоа колку напредна цивилизација биле

Сумерите, кои самите се нарекувале црнокоси луѓе, а својата земја место на просветените господари, се најстарата позната цивилизација на Јужна Месопотамија (денешен Јужен Ирак). Околу 4000 година пред новата ера се населиле меѓу реките Тигар и Еуфрат и оставиле зад себе голем број докази за тоа колку напредна цивилизација биле, пишува „Национална географија“.

Ги пронашле тулите

Начинот на кој Сумерите ја контролирале природата е едно од нивните најголеми достигнувања. Ги исушиле, ги прокопале каналите и го приспособиле теренот околу Еуфрат на своите потреби. Ги пронашле тулите и граделе куќи, дури и на два ката. Во средиштето на градот се наоѓал комплекс во кој доминирал објект со четириаголна основа – зигурат, граден од непечени тули. Иако досега не е пронајден ниту еден, според пишаните извори се претпоставува дека на врвот на зигуратот се наоѓал храм посветен на градското божество.

Најголемиот сумерски град имал меѓу 40.000 и 80.000 жители

Потеклото на Сумерите сѐ уште не е точно утврдено, но се претпоставува дека дошле од северот и се измешале со затекнатото население. Археолошките докази говорат дека воспоставиле околу десет градови-држави откако се населиле во Месопотамија. Еден од најстарите, наедно и најголем во тоа време бил градот Урук, кој го основал кралот Емеркар. Овој град играл важна улога на политички план, а се споменува и во „Епот за Гилгамеш“. Урук имал меѓу 40.000 и 80.000 жители, а го откопал германски тим од научници, под водство на Јулиус Јордан, пред почетокот на Првата светска војна.

Најмногу се ценело свештенството

Во најраното минато Сумер немал владетел, туку градовите ги воделе првосвештеници. Со развојот на државата се развивало и општественото уредување. Сумер така станал робовладетелска држава, на чело со крал. Народот бил поделен во три класи – робови; трговци, земјоделци и занаетчии; и свештенство, чиновници и војска. Од трите групи на највисоката класа, најмногу се ценело свештенството.

На сумерскиот список на кралеви се наоѓа и една жена

Сумерскиот список на кралеви е древен текст напишан на сумерски јазик, кој ги наведува кралевите на Сумер од сумерските владетелски династии и е еден од најважните документи за хронологијата на Блискиот Исток. Единствено лице од женски пол што се наоѓа на таа листа е Кубаба, која наводно го презела тронот во градот-држава Киш околу 2.500 години пред новата ера. Многу малку се знае за тоа како дошла на власт, но за периодот на нејзиното владеење често се пишува како за мирен, без многу турбуленции.

Сумерите сакале пиво

Се претпоставува дека биле првите жители на Месопотамија и дека, освен тулите, го пронашле и плугот и велосипедот, но, покрај тоа, останале запаметени и по тоа што правеле и сакале пиво. Археолозите пронашле докази за тоа дека ја познавале технологијата на неговото правење, а дури имале и божица на тој алкохолен пијалак – Нинкаси.
Клинестото писмо се користело повеќе од 3.000 години
Сумерите го создале клинестото писмо во доцниот четврти милениум пред новата ера. Во својот најсофистициран облик се состоело од неколку стотици облици, кои се втиснувале со трска во влажни глинени плочи, кои потоа се печеле и така станувале речиси неуништливи. Се смета дека го развиле поради овоземските потреби (на пр. евиденција на деловните трансакции), а со времето почнало да се користи и во историјата, книжевноста итн.

Јунакот од Епот за Гилгамеш бил историска личност

Јунакот од Епот за Гилгамеш бил историска личност, петтиот владетел на првата постпотопска династија, кој владеел со сумерскиот град-држава Урук околу 2700 година пред новата ера. Митскиот еп се појавил за првпат најверојатно во третиот милениум пред новата ера. Неговото дејство се фокусира на митскиот крал на Урук, Гилгамеш, кој е опишан како една третина човек, а другите две третини бог.

Сумерската математика и денес е во употреба

Поделбата на денот на 24 дела се претпоставува дека дошла од Старите Сумери. Не е јасно зошто станува збор токму за бројот 24, иако постојат повеќе теории што го објаснуваат тоа. Една од интересните теории со тој број ја поврзува анатомијата на човечката дланка: ако го свиткате палецот и ја погледнете внатрешноста на дланката, ќе забележите дека секој од четирите испружени прсти е поделен на три целини, така што пред себе имате дванаесет еднакви целини. Тоа, според оваа теорија, го олеснувало броењето на часовите во текот на денот, па затоа денот е и поделен на 12 дела. Остатоците на сумерскиот сексагезимален броен систем преживеале во вид на просторни мерења, како што е да речеме 360 степени во круг.

Сумерската култура била изгубена сѐ до 19 век

Откако Месопотамија ја окупирале Аморити и Вавилонци во почетокот на вториот милениум пред новата ера, Сумерите постепено го изгубиле својот културен идентитет и престанале да постојат како политичка сила. Севкупното знаење за нивната историја, јазик и пронајдоци, вклучувајќи го и нивното име, било заборавено. Нивните тајни останале закопани во пустините на Ирак сѐ до 19 век, кога француските и британските археолози конечно наишле на нивните артефакти додека трагале по доказите за древните Асирци. Научниците како што се Хенри Ролинсон, Едвард Хинкс, Џулиус Оперт и Пол Хаупт подоцно го презеле водството во дешифрирањето на сумерскиот јазик и клинестото писмо, давајќи им на историчарите увид во одамна изгубената историја и книжевност на раната Месопотамија.