Американски милијардер закупил лет на капсулата „Драгон“ на „Спејс екс“ за годинава и планира да земе со себе уште тројца луѓе за да кружат околу земјината топка, пренесува „Асошијетед прес“.

Покрај тоа што си го исполнил својот сон за летање во вселената, Џаред Ајзакман во понеделникот објавил дека има за цел да го искористи ова приватно патување за да собере 200 милиони долари за детската истражувачка болница „Сент Џуд“, во Мемфис, во американската сојузна држава Тенеси, сума од која половина ќе биде негова донација.

За мисијата веќе е избрана здравствена работничка од „Сент Џуд“. Секој што месецов ќе донира во „Сент Џуд“, може да влезе во потесен избор за местото број три на патувањето. Четвртото место ќе му припадне на сопственик на фирма кој ги користи услугите на „Шифт фор пејментс“ компанија за обработка на кредитни картички во сопственост на Ајзакман со седиште во Алентаун, во Пенсилванија.

– Навистина сакам да живееме во свет во кој за 50 или 100 години од сега луѓето скокаат во нивните ракети како фамилијата Џетсон од истоимената анимирана детска серија, во која  има семејства кои сконуваат на Месечината со своето дете, облечени во вселенски костуми. Исто така, мислам дека ако живееме во тој свет, подобро ќе се справиме и ќе го победиме ракот кај децата – изјавил Ајзакман за „Асошиејтед прес“.

Ајзакман кој ќе наполни 38 години следната недела, откупил рекламен простор за Супербоулот во НФЛ-лигата во американски фудбал, за промоција на мисијата, наречена „Инспирација 4“ чие лансирање е планирано за октомври од Флорида.  Имињата на останатите патници кои ќе се наоѓаат во капсулата „Драгон“, за кои Ајзакман вели дека ќе оформат група луѓе „од секојдневните сфери од животот“, ќе бидат објавени следниот месец.

Илон Маск, основачот и извршен директор на „Спејс екс“ очекува летот да трае два до четири дена.

Патувањето на Ајзакман е најнова зделка во рамките на приватните патувања во вселената и го зазема првото место на листата за патување во орбитата на Земјата.

– Ова е важна пресвртница кон овозможување на пристап до вселената за секого – рекол Маск за време на прес-конференција во седиштето на „Спејс екс“ одржана во понеделникот  во Хоторн, Калифорнија.

Првичните приватни летови се скапи, но со тек на време ќе придонесат за намалување на трошоците, според Маск.

Минатата недела, компанија од Хјустон ги откри имињата на тројца бизнисмени кои плаќаат по 55 милиони американски долари за лет до Меѓународната вселенска станица, следниот јануари со капсулата „Драгон“. Јапонски бизнисмен пак има договор со  „Спејс екс“ да лета на Месечината.

Ајзакман не открива колку плаќа на „Спејс екс“, освен што кажал дека неговата донација за „Сент Џуд“ „значително го надминува износот за трошоците на мисијата“.

Предвидено е поранешен астронаут на НАСА да ги придружува тројцата бизнисмени на летот, но Ајзакман ќе биде своевиден командант на вселенското летало. Тој смета дека е потребно да научи сè за ракетите-капсули „Драгон“ и „Фалкон 99“. Капсулите се дизајнирани да летаат автономно, но пилотот може да го преземе ракувањето со системот во итни случаи.

Вљубеникот во вселената уште од неговото детство, Ајзакман го напуштил средното училиште кога имал 16 години, добил сертификат за положена матура и почнал бизнис во подрумот на неговите родители, што претставувало почеток за неговата компанија „Шифт4“. Тој постигнал брзински рекорд летајќи низ светот во 2009 година, додека собирал пари за програмата „Замисли желба“, а подоцна ја основал компанијата „Дракен интернешнл“.