фотографија: Томислав Георгиев

Втората книга на Ана Јовковска „Ехо на слободата“ ќе биде промовирана утре, 12 април, во 20 часот во клуб-ресторанот на МКЦ.

Илустрацијата на корицата ја направи уметникот Ване Костуранов.

Промотори се Владимир Мартиновски и Ана Мартиноска, а музичкиот дел е на Бранислав Николов од „Фолтин“.

– Деценискиот извонреден телевизиски проект Пулс на Ана Јовковска, кој постави хималајски стандарди во македонското телевизиско интервју, пред неколку години, на општо задоволство, почна да се преточува и во книжевен облик, со првата книга Пулсот и времето (2015). Сосема оправдано, книгата на Ана Јовковска доживеа еруптивен успех: беше промовирана во речиси сите македонски градови и стигна до огромен број читатели, кои добија можност да се соочат со прекрасните дијалози во една кондензирана, прегледна и длабоко осмислена форма. Најновата книга на Ана Јовковска, соодветно именувана Ехо на слободата, е природно надоврзување. Таа е уште еден плод на нејзините безрезервни заложби, ретка посветеност, беспрекорен професионализам и драгоцена дарба за суштински дијалог, кој секогаш, без исклучок, води кон наслушнување не само на емотивниот, мисловниот и духовниот „пулс“ на соговорникот, туку и на невралгичните премрежја на нашево време – вели промоторот Владимир Мартиновски.

– Ехото доаѓа длабоко однатре и како ефектот на пеперутката стигнува до другиот крај на светот, каде некој непознат човек, читајќи ги твоите зборови, ќе се препознае во нив. На пеперутката ѝ требаат крилјата за да го постигне ефектот на преносливост, но зар човекот ги нема? Крилјата на човекот се неговите мисли и зборови. Можеш да ги рашириш до каде што сака твоето срце и до каде што ти дозволува твојата храброст. На крајот сè се сведува на тоа: Умееш ли да сонуваш за подобар свет? Умееш ли да леташ високо над произаичното и медиокритетско секојдневие? Умееш ли да веруваш во луѓето? Умееш ли да го отвориш умот за да ги видиш нивните добри страни? Умееш ли да бидеш активен слушател за да го чуеш ехото на слободата?

Гласовите на моите соговорници, во оваа книга сите заедно потпишани под зборот „човек“, се ехо на слободата на едно време. Во обидот да ги спојам рационалното и емотивното, научното и интуитивното, актуелното и безвременското, ја создадов оваа збирка на културолошки дијалози кои танцуваат на тенкото јаже на слободата. Слободата е можам. Слободата е желба. Слободата е љубов – вели авторката Јовковска.

Книгата е во издание на „Три“.

Ана Јовковска е новинарка, колумнистка, ТВ-водителка, продуцентка, лицe за односи со јавноста и промоција, активистка и хуманистка.

Авторка е на книгата „Пулсот и времето“ (2015).

фотографија: Томислав Георгиев