Луиз Буржуа (1911-2010) и на 90 години беше активна уметница. Како ретко кој жив уметник, имаше огромна чест да има ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност во Њујорк во 1982 година, а ја претставуваше Америка и на значајното Венециско биенале во 1992 година.
– Јас и не создавам уметност заради уметност или за да импресионирам некого. Јас само го пресликувам животот онаков каков што е и со тоа си олеснувам себеси – рече таа за своето творештво на Биеналето во Сао Паоло во 1996 година, каде што имаше голема изложба на цртежи, слики и инсталации.
Родена е во Париз, на 25.12.1911 година, а пораснала во мало место во Централна Франција, во семејство од средна класа. Уште како 12-годишно девојче почнува да се издвојува од средината, со своите необично напишани и илустрирани дневници. Како адолесцентка, помага во семејната работилница за изработка и реставрирање таписерии, каде што била задолжена за скицирање на цртежите, како основа за шиење и ткаење нови и репарација на старите модели.
Студира математика на Сорбона, но фокус на нејзиното интересирање е, сепак, единствено уметноста, па дипломира на париската ликовна академија. Во 1938 година емигрира во Њујорк, заедно со својот сопруг, Американецот Роберт Голдвотер, историчар на уметност. Иако засекогаш си заминува од родната Франција и Париз, домот, семејните теми, приказни, дилеми и фобии опсесивно ќе ја следат во текот на целиот живот и ќе бидат главната, носечка оска околу која ќе се движи целата нејзина творечка енергија.