Книгите се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, а се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Уредник на изданието е Оливера Ќорвезироска

По повод 86-от роденден на една од најплодните, најнаградувани и најзначајни македонски писателки, Оливера Николова, издавачката куќа „Арс ламина“, под својот импринт „Арс либрис“, го реобјавува нејзиното целокупно творештво за возрасни. Книгите се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, а се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Уредник на изданието е Оливера Ќорвезироска.
Станува збор за 12 наслови, спакувани во 10 тома: „Куклите на Росица“ (со поговор од Елизабета Баковска), „Тесна врата“ (поговор Кица Колбе), „Куќичка“ (поговор Румена Бужаровска), „Тромбот“ (поговор Владимир Мартиновски), „Адамовото ребро“ (поговор Калина Малеска), „Збогум Вано, Ванке…“ (поговор Јелена Лужина), „Пешаци по црни полиња“ (поговор Гоце Смилевски), „Белиот чад“ (поговор Никола Гелевски), како и „Вежби за Ибн Пајко“ (поговор Катица Ќулавкова), во исто издание со „Песот со тажен поглед“ (поговор Давор Стојановски), и „Лева комора“ (поговор Владимир Јанковски), во исто издание со „Кадифената покривка“ (поговор Оливера Ќорвезироска).
Овие дела, кои се и своевиден подарок за идните поколенија, ќе бидат претставени пред јавноста на свечен промотивен настан, чии детали ќе ги објавиме наскоро. На Оливера Николова ѝ посакуваме желби за добро здравје, свежа мисла и инспирација за нови дела – порачуваат од издавачката куќа.
Оливера Николова е родена на 11 март 1936 година, во Скопје. Дипломирала на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург. Таа e член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. И покрај богатиот книжевен опус, Оливера Николова е најпозната како авторка на првиот градски лик во македонската литература – Зоки Поки. Вредностите на Оливера Николова во македонската книжевност за деца, од нејзината прва книга, континуирано, се мошне високо рангирани.

Сите критичари што се занимавале со нејзините книги за деца потенцирале дека со нејзиното творештво македонската книжевност за деца се збогатува со дотогаш неоткриени мотиви.
Николова е добитничка на голем број награди. Така, за „Земја во која никогаш не се стигнува“ во 1966 година ја добила наградата на РТВ Скопје и СВП. Во 1975 година повторно ја добила истата награда, овој пат за делото „Пријателите Бон и Бона“. Во 1977 година по третпат ја добила таа награда, за делото „Мојот звук“, кое се закитило и со наградата „Младо покољење“ за 1978 година. Исто така, таа е добитничка на Змаевата награда за 1983 година за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца. Во 2012 година, за романот „Куќичка“, таа била номинирана како македонски претставник за наградата „Балканика“. Во 2013 година го одбележа јубилејот 50 години од литературното творештво, исто колку и познатиот лик од нејзините раскази за деца, Зоки Поки. По тој повод, издавачката куќа „Детска радост“ објави избор од творештвото на Николова во три тома. За своето книжевно дело, Николова ги освоила наградите „Стале Попов“, Рациново признание, како и „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Во 2016 година, за романот „Кадифената покривка“ ја доби наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2015 година.