Претставата „Човекот и огнот“ во режија на Дејан Пројковски одиграна премиерно од театарот Фабрика на петтото издание на меѓународниот фестивал „Табризим“ во градот Табриз, Иран.

Фестивалот се одржа од 25 до 30 април и на него учествуваа уметници од Италија, Ирак, Азербејџан, Казахстан, Турција, Грузија, Австрија, Германија и Македонија.

Претставата „Човекот и огнот“ зборува за вечната борба меѓу доброто и злото, за конфликтот меѓу човекот и боговите и за страданијата што човекот треба да ги издржи по патот кој што води до вистината. Мотивот на претставата е базиран врз античките митови кои во себе го содржат пркосот на човекот кон боговите.

Тимот на проектот го сочинуваат Валентин Светозарев-сценограф, Марија Папучевска-костимограф, Горан Трајкоски-композитор, Олга Панго-кореограф и Андреј Цветановски како асистент на режија. Во претставата играат Томе Станковски, Марија Петреска, Андреј Лалчевски, Марија Кондовска и Марија Баркова.

Театар Фабрика е независен театар кој овозможува преиспитување и создавање на вистински театарски вредности, експериментален пристап и постојана надградба на професионалните капацитети на театарски уметници вклучени во креативните процеси.