Кумбароски беше еден од најверните читатели и почитувачи на нашиот весник

Разме Кумбароски, современ македонски писател, поет, критичар, романсиер, есеист, преведувач, научен работник, музичар и езотерик, почина вчера, на 77-годишна возраст.

Веста ја сподели неговата ќерка Бистра Кумбароска, која напиша: „неговиот живот беше исполнет со креации, кои бескрајно ќе се паметат: од приказните што ги раскажуваше за Блаже Конески и Десанка Максимовиќ, до голем број книги, фестивали, уметнички настани  дела и траги што зрачат со мудрост и убавина. Неговиот сон беше да креираме свет на искреност, чесност и љубов  и низ својот живот успеа да го пренесе баш тоа. Со него патував низ најубавите светови, патувања што за мене никогаш нема да завршат“…

Разме Кумбароски е роден на 29 март 1944 година, во Струга. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Во 1980 година магистрирал на Факултетот за политички науки во Загреб. Заедно со Димитрие Дурацовска е основач на мултимедијалното списание за литература и уметност „Форма“. Работи како секретар на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Член е на ДПМ од 1987 година.

Автор е на поетските книги: „Зинда“, „Воден премин“, „Мусандра“, „Манастир“, „Троја“, на романот „Мириси кораби злато“ и многу есеистички книги. Зад себе има богат опус од околу 60 книги: романи, поезија, книги критики, есеи, огледи, антологиски избори, преводи. Застапен е во седум земји со свои избори. Тој е еден од основачите на групата „Струшки бисери“, а работниот век го поминал како секретар и директор на светски познатата манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Основач е и директор на медитеранската академија „Браќа Миладиновци‘‘ Струга и на меѓународната литературна манифестација „Година на есејот“.