Меѓународната балканска изложба со симболичен наслов „Мост“ вчера по шести пат беше отворена во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. На оваа изложба академски сликари, низ своите различни стилски концепти ги презентираат своите држави од балканскиот регион. Она што е карактеристично за нивните дела е рефлексијата на нивните автентични култури и традиционални вредности кои меѓусебно се слеваат во една универзална матрица, затоа што уметничкиот креативен дух нема граници и нема табуа.

Оттука и самиот симболичен наслов ги руши физичките бариери, поврзувајќи ги низ метафората на мостовите, не само авторите и нивните дела, туку и државите, чии амбасадори се токму уметниците. Годинава таа улога ја имаа уметниците: Шабан Окан од Бурса – Турција, Крсте Шупев од Велес – Македонија, Филип Најденовски – Скопје и Нермин Чеман – Рожаје, Црна Гора. Овие креативни уметници со сродни идеи со својата автентичност го збогатуваат и го градат големиот мозаик на слободниот творечки дух, чии хуманистички квалитети ја обединуваат уметноста без никакви меѓусебни предрасуди.

Изложбата ја отвори ликовниот уметник Владимир Темков потсетувајќи дека иден творец и координатор на оваа меѓународна изложба е академик Фехим Хусковиќ, сликар графичар и професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.

Оваа изложба „Мост“ за историчарот на уметноста Дино Хусковиќ истовремено го претставува патувањето низ различни културни хоризонти, но и средбата, спојувањето во една точка, што од секогаш и засекогаш ќе биде универзален принцип на уметноста и на хуманоста меѓу народите.

Ми.М.