Издавачката куќа „Антолог“ објави дека на веб-локацијата http://www.antolog.mk/ е достапна новата интернет-страница, која е со модерен дизајн и со многу нови функции што ќе им помогнат на корисниците брзо и лесно да ги пронајдат сите информации и со уживање да ги одберат најдобрите книги. Новата интернет-книжарница е создадена да понуди супериорно корисничко искуство со врвна навигација и функционалност, притоа овозможувајќи им на виртуелните посетители да ги видат целосниот каталог на нови изданија, портфолиото на издавачката куќа, тековните настани и акциите што ги нуди оваа издавачка куќа.

Новите функции на интернет-страницата на „Антолог“, меѓу другото, вклучуваат: целосен и детален преглед на сите изданија, изработен на рамниште на најголемите светски издавачки куќи, за секоја книга се дадени различен вид информации. На новиот литературен блог „Антологџии“ ќе бидат достапни најразличен вид содржини, и едукативни и забавни, наменети за сите генерации читатели. Ќе има посебна секција „Креативна Европа“ посветена на „Букстар“, еден од најбрзорастечките книжевни фестивали во регионот, како и на книгите објавени во соработка со програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Во уникатна секција „Со потпис на авторот“ корисниците ќе можат да нарачаат книги со автограм на дел од домашните и од странските писатели.

– Нашата интернет-страница ги поврзува сите наши активности на едно место и му овозможува на секој посетител да има брз и лесен пристап до светот на литературата, и тоа од дома или каде и да се наоѓа. Тоа е особено важно во оваа технолошка доба, но и во овој период на светска пандемија во кој интернетот и социјалните медиуми се од исклучителна важност. Интернет-пазарењето е во глобален пораст, кај нас онлајн-купувачите сè уште стравуваат дека нема да се снајдат или дека ќе им се случи злоупотреба на податоците. Со оваа наша книжарница сите сомнежи се надминати, а купувањето онлајн е претворено во врвно задоволство од само неколку чекори – велат од „Антолог“.