„Недела на италијанската кинематографија“ почнува од денеска и ќе трае до 23 мај во Кинотеката на Македонија. Ова е 19-то издание на „Неделата на италијанската кинематографија“. Настанот е организиран од италијанската амбасада во Скопје и е во состав на иницијативата на италијанското министерство за надворешни работи и меѓународна соработка „Создаваме филм“, сега веќе во своето второ светско издание, за промоција на италијанската филмска индустрија во светот и на односите на соработка со другите национални индустрии, вклучувајќи ја и македонската.

– Отворањето на фестивалот е вечерва со проекција на филмот „Секој проклет Божиќ“, забавна комедија на „италијански начин“ во режија на Лука Вендрусколо (2015), на која ќе ѝ претходи видеопоздрав на режисерот и на глумците специјално сниман за македонската публика – информираат од италијанската амбасада.

Неделата ќе продолжи со проекција на низа филмови, меѓу кои големите класици на италијанската кинематографија со глумци од меѓународна слава како Марчело Мастројани и Софија Лорен, од „Брак на италијански начин“, „Необичен ден“. Филмовите се со превод на македонски јазик.

– Вечерта на 23 мај ќе има посебен настан: ќе се одржи проекцијата на филмот „Исцелител“, пријатна македонска комедија снимена на улиците на Скопје (2017). Филмот доби големи признанија од страна на меѓународните, а особено и од италијанските критичари, така што доби го признанието најдобар филм на 36-то издание на филмскиот фестивал „Бергамо филм митинг“ и во последниве неколку месеци се прикажа во многу италијански киносали, секогаш со одличен успех. Важноста на настанот ќе биде истакната со присуството на режисерот Ѓорче Ставрески и на италијанската дистрибутерка на филмот Џулија Еспозито („Лаб 80“), позитивен пример за италијанско-македонска соработка од областа на кинематографијата – додаваат од амбасадата.

Заедничката нишка што ги поврзува филмовите избрани за „Неделата на италијанската кинематографија“ е важноста на семејството во општеството и промените со кои истото тоа се соочило во текот на годините. Преку филмови од различни временски периоди, ќе може да се прикаже описот на семејните односи од различни аспекти, толкувани во комичен стил, понекогаш ироничен и саркастичен, но секогаш на забавен начин.