Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ неодамна ја објави серијата „Клучните концепти во кинеската мисла и култура“ во пет тома, двојазично – на македонски и на англиски јазик. Оваа серија ги содржи најсуштинските мисли, концепти и фрази што во период од неколку милениуми ги создал кинескиот народ и кои и денес се од суштинско значење за кинеската филозофија, хуманистичкиот дух, начинот на размислување и вредностите.

Секој том содржи по сто клучни мисли, за кои се дадени концизни и прецизни објаснувања, а потоа се поткрепени со цитати поврзани со тие клучни мисли. Доминира старокинеската мудра мисла. Освен предговор на три јазици (македонски, кинески и англиски), секој том содржи и прилози: список на клучните мисли и кратка хронологија на кинеската историја

„Македоника литера“ овој проект го реализира во соработка со пекиншкиот издавач ФЛТРП, еден од трите најголеми кинески издавачи. Предвидено е проектот да има девет тома. Кинескиот издавач неодамна го објави шестиот том, кој „Македоника литера“ ќе го објави во април годинава, а ќе ги објави и преостанатите три тома набргу по објавувањето на оригиналните изданија. Петте тома, освен на англиски, се преведени уште на повеќе од десет јазици, а во Кина и во некои земји веќе станаа бестселери.

Овој проект, всушност, е реализиран на државно ниво во Кина. „Клучните концепти во кинеската мисла и култура“ ја сочинуваат суштината на тоа што се смета за најдобро во традиционалната кинеска култура. Во проектот се вклучени познати експерти, преку одбор на советници, експертска комисија и академски комитет, односно повеќе од 70 познати експерти во литературата, уметноста, историјата, филозофијата и преведувањето.