Изложба со наслов „Вон боите“, на претставникот на косовската уметничка сцена Висар Мулиќи, ќе биде отворена вечерва, во 19 часот, во Националната галерија, во галерискиот простор „Чифте-амам“. Куратор на изложбата е Зени Балажи.
– Пред експресивните дела на Висар Мулиќи се наоѓате во турбулентен универзум, каде што егзистенцијалната грижа и искуство на авторот, неговата емоција се заглавени во психологијата на голем број фигури, понекогаш апстрахирани како динамични точки каде што испреплетените кадри пулсираат непрекинато. Овие експресивни фигури се претвораат во оригинален лајтмотив во неговата креативност, како и со видливи и скриени тензии во композициските структури, понекогаш поетски, а понекогаш и драматични.
Секој елемент што се користи во неговите дела се појавува како чиста форма сам по себе, без да преземе обврска да пренесе некоја посебна порака – пишува во најавата за изложбата.
Висар Мулиќи ги завршил студиите на Факултетот за уметности на Универзитетот во Приштина во 1990 година, а магистрирал во 1997-та. Од 1995 година работи како асистент, професор и доцент по сликарство на Факултетот за уметности на Универзитетот во Приштина. Неговата уметничка креативност вклучува современо експресионистичко сликарство, со изразена чувствителност кон материјалот со кој работи. Учествувал на многу групни и неколку самостојни изложби на Косово и на меѓународната сцена: Косово, Австрија, Албанија, Македонија, Франција, Јапонија, Белгија, Германија, Швајцарија…