По повод 100 години од мачеништвото на руското царско семејство Романови, во Музејот на македонската револуционерната борба во Скопје свечено беше отворена фотодокументарната изложба и промовирана книгата „Романови: Љубовта е посилна од смртта“.
Настанот го отвори рускиот амбасадор во Македонија Сергеј Баздикин, кој се заблагодари на сите кои придонеле за можноста за остварување на фотодокументарната изложба за семејството Романови и можноста за објавување на книгата „Романови: Љубовта е посилна од смртта“.
– Длабокото, објективно и сестрано осмислување на тоа што се случи, но и на другите драматични настани на таа епоха, воопшто, е неминовен предуслов за помирување и зацрврстување на мирот и заедништвото во нашето општество, за ваквите трагедии никогаш да не се повторат. Лекциите се научени, а Русија се стреми кон постигнување на амбициозни цели за мирен и динамичен развој на државата и народот. Нашата земја е отворена за унапредување на рамноправна заемнополезна сорабока со сите кои се подготвени за тоа, вклучувајќи ја секако и Република Северна Македонија – рече амбасадорот Баздикин.
Освен изложбата, рускиот амбасадор зборуваше и за промоцијата на книгата „Романови: Љубовта е посилна од смртта“, во која се раскажува за животот и подвигот на членовите на царското семејство, како што рече тој, не само во историскиот дискурс, туку и од аспектот на човечките чувства.
Тој им честиташе на сите кои работеа на овој важен и обемен труд, и лично, на пресветениот митрополит повардарски Агатангел за успешното реализирање на овој проект.
На настанот присуствуваше и високото пресвештенство од повардарската Епархија и владиката Агатангел, кој пред да се обрати на присутните, рече дека со задоволство ја прифатиле понудата за учество на изложбата фотографии од 100-годишината на смртта на светото царско семејство Романови. Тој се заблагодари на амбасадорот на Руската федерација за можноста за соработката за делото „Романови: Љубовта е посилна од смртта“ да се преведе на македонски јазик и да се овозможи достапност до делото на православната црква и на народот.
– Топло ја препорачувам оваа книга, овој величествен зборник за животот на Романови кој точно и прецизно го отсликува животот во 19-от и 20-от век, во братска Русија, со сите негови проблеми, маани и вредности. Ние, Македонците, со големата Русија и со братскиот руски православен народ повеќе од 1.000 години меѓусебно разменуваме цивилизациски вредности, бидејќи од овде, од оваа света македонската земја започнало описменувањето и христијанската просвета на сите словенски народи, вклучително и на рускиот народ – истакна владиката.
Присутните слушнаа за убиството на рускиот цар Николај Втори, царицата Александра, нивните деца, кнегињите Олга, Татјана, Марија и Анастасија и престолонаследникот Алексеј. Со нив биле убиени и четворица слуги, ноќта спроти 17 јули 1918 година. П.С.