Славниот попарт-уметник Енди Ворхол имал посебна пасија кон полароидите, фотографирал разни теми, а направил портрети и на ѕвезди како Џек Николсон, Одри Хепберн и Грејс Џонс. Честопати сурови и спонтани, овие полароиди ги документираат искуствата на Ворхол, нудејќи уникатна евиденција за неговиот живот и визија. Ворхол еднаш изјавил: „Фотографијата значи дека знам каде сум бил во секоја минута. Затоа и фотографирам. Таа е визуелен дневник“.
Како уметник што одигра важна улога во развојот на поп-уметноста, Енди Ворхол воведе популарни стилови и субјекти во ексклузивните салони на висока уметност. Опседнат со јавни личности, консумеризам и механичка репродукција, уметникот создаде едни од најдобрите слики на 20 век. Во текот на својата кариера, тој ги прошири импликациите на поп-уметноста и во други сфери, рушејќи ги границите помеѓу световите на високата уметност и поп-културата. Тој ја издигна својата личност до ниво на популарна икона, претставувајќи еден нов вид слава за високите уметници.
Пред да започне да создава уметност за галериите, Ворхол бил најуспешен и високоплатен комерцијален илустратор во Њујорк. По соработката со магазинот „Гламур“, веднаш бил ангажиран од едни од најголемите модни магазини, како „Вог“, „Њујорк тајмс“ и „Харперс базар“, по што станал најбараниот илустратор во градот. Откако пристигнал во Менхетн, за да го оствари својот уметнички сон, Ворхол почнал да работи за храмот на Петтата авенија, „Тифани“, во 1956 година, дизајнирајќи сѐ, од реклами за чевли до божиќни честитки. „Тифани“ почнале да ги објавуваат неговите честитки секој Божиќ, до 1962 година, кога Ворхол го креира своето познато дело „Кемпбел супа“.