Македонскиот народен театар освои четири награди на театарскиот фестивал „Живи фест“ во Босна и Херцеговина, за претставата „Нема да биде крај на светот“, од авторот Аднан Лугониќ, во режија на Нина Николиќ. Со едногласна одлука на жирито, во состав: Владо Керошевиќ – актер, Љиљана Чекиќ – актерка и Алмир Башовиќ – драмски писател, специјалната награда за режија ѝ е доделена на Нина Николиќ, наградата за најдобра актерка ја доби Дарја Ризова, наградата за најдобар актер отиде во рацете на Саша Ханџиќ и специјалната награда за актерска игра ја освои Џана Џаниќ.
– Засновајќи ја својата режија првенствено на посветената работа со актерите, Нина Николиќ нѐ потсети на степенот до кој театарот е синтеза на различни елементи, но во своите најдобри моменти тоа главно се базира на способноста да остане првенствено актерска уметност. Дарја Ризова демонстрира големи актерски способности, засновани на суптилни актерски средства, покажувајќи дека актерската уметност, која води до убедлив сценски свет, е многу способна да ги надмине јазичните бариери.

Играјќи ја својата улога на два јазика, босански и македонски, Саша Ханџиќ покажува голема способност за актерска трансформација на сцената, како и големо мајсторство на актерските средства, кое пред сѐ се заснова на чувството за мерка. Џенана Џаниќ со својата улога и изборот на актери успеа да постигне висок степен на сценска уверливост, нудејќи ни можност да се идентификуваме со светот на претставата, притоа убедувајќи нè дека стилската редукција понекогаш е доказ дека „уметноста може да биде повеќе“ – информираат од МНТ.
„Нема да биде крај на светот“ првата премиерна изведба ја имаше на 18 септември, во Сараевски ратни театар – САРТР, Сараево, а скопската премиера во Македонскиот народен театар се очекува кон крајот на ноември. Претставата е во продукција на „Перипетија продукција“ – Скопје, во копродукција со Македонскиот народен театар и Сараевскиот ратни театар – САРТР.