Друштвото на ликовните уметници на Македонија во соработка со Културно-информативниот центар (КИЦ) од Скопје и Универзалната сала во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“ ја отвора изложбата „Мал формат“, утревечер, во 20 часот, во Културно-информативниот центар во Скопје.

Малиот формат како творечки предизвик претставува честа дневна практика на ликовните уметници. Магијата на „малиот квадрат“ во површина 25х25 см претставува искушение и за најголемите мајстори на визуелната уметност. Чувството на внатрешниот нагон да го совлада малиот квадрат, на концизен, лапидарен, понекогаш на метафоричен и езоповски начин да ги транспонира собитието и мотивот од големите форми во помалата мера.

На изложбата учествуваат 33 автори-членови на ДЛУМ: Ана Темкова, Дијана Томиќ Радевска, Стефан Димовски, Златко Бојковски, Марина Лешкова, Ацо Таневски, Андријана Мациев и др.