Светот е сцена

Секоја доба има своја уметност, а уметноста своја слобода, пред повеќе од еден век ова беше слоганот на уметничкото движење што се појави во Виена. Густав Климт, Егон Шиле, Оскар Кокошка се само дел од уметниците што се собраа кон крајот на 19 век во борбата за уметничка слобода во движењето на виенската сецесија. Затоа звучи чудно што денес, повеќе од сто години подоцна, Австрија сѐ уште се бори за уметничка слобода. Пркосејќи им на забраните од секаков вид, тие најдоа нов начин да ја изразат својата уметничка слобода, начин што не е под контрола на цензурата. И тоа преку платформата резервирана „само за возрасни“, наречена „Онли фенс“.
Новопочнатиот сегмент на интернет-страницата „Онли фенс“ е единствениот што во моментов дозволува прикажување голотија во уметнички дела, моментно складирани во виенските музеи. Лансирањето на оваа платформа е еден од начините на кој се изразува протестот против сѐ поприсутната цензура на социјалните мрежи, објавија европските медиуми.
За зголемената цензура, која забранува сѐ што е поврзано со голотија, најдобро говори годинашниот настан, кога сметката на Тикток на музејот „Албертина“ беше блокирана и суспендирана бидејќи на неа беа прикажани делата на јапонскиот фотограф Нобојуши Араки. А на тие фотографии, меѓу другото, имаше и женски гради. И поради блокадата, музејот беше принуден да отвори нова сметка во Тикток.
И пред две години се случи сликата на Рубенс да биде несоодветна за Инстаграм. Оваа социјална мрежа тогаш објави дека прикажувањето на голотијата на великаните на барокното сликарство е во спротивност со правилата што забрануваат секаква голотија, дури и онаа што е „уметничка по природа“.

Една година претходно, Фејсбук отстрани фотографија од фигурата на Вилендорфска Венера, која се претпоставува дека е создадена околу дваесет илјади години пред нашата ера, а која Виенскиот музеј за природна историја ја објави на својата официјална интернет-страница.
Кога истата година и музејот „Леополд“ правеше ретроспектива на делата на Егон Шиле, тој наиде на бариера кога се обидуваше да ја рекламира изложбата на великаните на експресионизмот, не само во Австрија туку и пошироко – во Германија, Велика Британија и Америка. На крајот, барем во Австрија, беше пронајдено „соломонско решение“, беа поставени плакати и транспаренти со актовите на Шиле, со интимните делови покриени со духовити натписи: „Извинете – 100 години стари, но сепак сѐ уште премногу смели“.
Истиот музеј неодамна сакаше соодветно да ја одбележи својата годишнина, со видеоклип со сликата „Љубовна двојка“ од Коломан Мозер. Меѓутоа, наишле на пречка од страна на Фејсбук и Инстаграм, кои делото на еден од највлијателните претставници на виенската сецесија го опишале како „потенцијално порнографско“.
Сите овие дела сега, во сиот свој сјај, се далеку од „челустите на цензурата“, достапни на оваа платформа, која ја иницираше Виенската туристичка канцеларија.

Во „Албертина“ моментно се одржува голема изложба на Модиљани, што ова биро никако не може да ја промовира поради голотијата во сликите на италијанскиот уметник.
– Секако, изложбата може да се претстави и без голотија, но некои од уметничките дела се нераскинливо поврзани со Виена, како што е „Автопортрет“ на Шиле од 1910 година (сликарот е целосно гол на ова масло на платно). И ако не можете да ја искористите таа слика како средство за комуникација на социјалните мрежи, тоа е фрустрирачко. Затоа го дизајниравме „Онли фенс“, како начин да ги прикажеме сите тие дела – изјави за „Гардијан“ Хелена Хартлауер, портпаролка на туристичкиот одбор во Виена.
Иако платформата беше лансирана уште во 2016 година, со цел да биде дом за креации од секаков вид, за време на пандемијата некако сите почнаа да ја поврзуваат за сексуални теми. А само минатата година, платформата ја зголеми својата посетеност за десет пати. Со 7,5 милиони посетители достигна 85 милиони.