МФФ „Киненова“ во рамките на годинашниот фестивал организираше панел дискусија со филмски критичари, насловен: „Филмската критика реалност или инцидент“.
Во воведот на панелот, Гена Теодосиевска, која го модерираше, подвлече дека при претставувањето на еден производ од културата треба и мора да има критика.
– Нашите колеги од регионот и од Европа разговараат за ефектите од дигитализацијата на филмската индустрија, тие дневно пишуваат за домашните и странските филмски продукции, сите телевизии и радио станици во регионот имаат еднаш неделно филмска програма, во нашата земја реална критика е игнорирана и инцидентна. Што е коренот на проблемот – праша Теодосиевска.
На панелот учествуваа Сунчица Уневска, филмски критичар и уредник на специјализирано списание за филм „Филм плус“, Владимир Ангелов, филмолог и директор на Кинотека на Северна Македонија, Атанас Чупоски, филмски критичар и филмолог, кој редовно пишува во „Кинопис“, Зане Балчус, која говореше за состојбите и нејзините искуства во Латвија и Стојан Синадинов, филмски критичар, а учество во дискусијата зеде и Марија Зафировска, претставник на Министерството за култура.
Сунчица Уневска издвои неколку карактеристични проблеми.
– Кај нас постојано се повторува дека нема филмска критика, дека културата е сведена на ниско ниво и речиси целосно отсутна од медиумскиот свет. Главно тоа е така, но како критичар кој не престана да пишува и како уредник на специјализирано списание за филм ќе кажам дека се нема слух и за тоа што на мускули го работиме. Работата на критиката е одговорна работа, а ми се чини дека се помалку за тоа се има свест и совест. Кај нас, проблемот генерално е многу поголем и подлабок. Моето размислување е во насока зошто дојдовме до оваа ситуација и како може таа да се промени, рече Уневска и посочи дека тоа е токму задача на филмските критичари и воопшто на сите кои работат во културата – рече Уневска.
Стојан Синадинов се наврати на еден свој настап пред десет години и победата на комуникациската либерализација.
– Во поранешната држава начинот на организирање на филмските работници на републичко ниво одеше преку Здружение на филмски работници, а на сојузно беше Сојузно здружение на филмски работници. Во тоа здружение имаше Друштво на филмски работници, Друштво на филмски автори и Друштво на филмски критичари. Со промената на системот, Друштвото требаше да се пререгистрира, се формираше ДФРМ, филмските актери имаат свое здружение, а престана да постои друштвото на филмски критичари. Во 1993 година беше формирана македонската секција на ФИПРЕСЦИ и искуствата оттаму се дека тоа е еден вид туристичка агенција со два вида патници-прва и втора класа: Пвра класа се Кан, Венеција, Берлин… и втора класа за оние членови што се со помалку стаж, што одат на фестивалите во Виена, Солун…Филмските критичари е неопходно да се стават на мапата и да се изборат за награда за критика на секој фестивал што ќе се одржува кај нас. Ако успеат низ една таква форма на секој фестивал да бидат присутни со своја награда ќе бидат повидливи – предложи Синадинов.
Владимир Ангелов ја поддржа идејата на Синадинов за востановување на награда за критика.
– Одамна имам сфатено дека во Холивуд филмските работници, актери, режисери, продуценти немаат контакт со новинарите. Ако, на пример, Том Круз биде виден со некој од новинарите кој што е влијателен тоа ќе биде скандал, зошто тоа би значело дека тој дава непринципиелни предлози на некој од медиумите. Кај нас не може така да биде затоа што сите се знаеме, си го знаеме нашиот табор, спротивниот табор, си ги знаеме фелите, си ги знаеме клановите…Го сакам филмот, сакам да пишувам и не мислам дека нема критика во филмската уметност. Напротив, мислам дека има многу помалку театарска критика. Мислам дека конзументите треба да провоцираат и да ја бараат критиката, зошто ние сме мала земја, а уште помала културна средина. Мислам и дека доцниме зад дигитализацијата, филмот е и уметност и забава и информација, а помладите имаат информации – рече Ангелов.
Тој апелираше до Министерството за култура да се оддаде некое признание на фриленсерите-филмски критичари.
– Убаво е филмскиот критичар да е независен, не може сите да работиме во институции, но најмалку што државата може да направи е да им ги обезбеди здравствено и пензиско осигурување – рече Ангелов.
Атанас Чупоски се согласи со поентите на соговорниците и се задржа на состојбата во медиумите, но предложи и формирање на Институт за филм.
– Со промените кои настанаа во 1991 година од таа една телевизија со создадоа повеќе приватни телевизии, весници итн. и она што беше карактеристика на социјалистичките земји, таа образовна компонента во однос и на филмката уметност која се промовираше на некој начин низ таа телевизија и двата весника кои постоеја дотогаш, почна да отсуствува. Политиката кај нас апсорбира буквално се, но ние мора да се избориме за свој простор и ја поддржувам идејата да се оформи такво здружение. Телевизијата е доста моќен медиум, и сметам дека би требало да го следиме примерот на Хрватска која го задржа третиот канал на ХРТ кој исклучиво третира теми од културата и сериозно се третира филмската уметност и се едуцира публиката. Втората поента ми е да се предложи формирање на Институт за филм, таква институција кај нас не постои. Мислам дека во 21 век, по 60 години организирана македонска кинематографија дека е крајно време да се основа Институт за филм. Кај нас Кинотеката, сакала или нејќела ја врши таа дејност на Институтот, но тоа е недоволно за една сериозна држава – истакна Чупоски.
Идејата за Институт за филм била покрената пред неколку години и била направена работна верзија во која биле опфатени филмски критичари и филмолози кои ја познаваат филмската критика и знаат кои изданија и какви работилници се потребни за во следната година како стратегија да се направи за да може филмот да се доближи до гледачите на едно повисоко ниво. Но, до денеска нема никаков епилог од Министерството за култура, потоа се промени министерот и остана само работна верзија.
Марија Зафирова од името на Министерството за култура ја поздрави трибината, честиташе на учесниците за сиот влог што го даваат и вети дека ќе го побара документот кој бил изработен во 2018 година за формирање на Институт за филм и истакна дека ќе се заложи да се прегледаат критериумите за здравствено и пензиско осигурување на филмските критичари.
– Ако настапите здружени пред Министерството за култура за да се формализира сето ова мислам дека ќе може многу полесно да допрете и до медиумите и до порталите и до социјалните мрежи. Јавниот сервис му недостига на секој оној што работи во областа на културата. На пример, програмата на „Киненова“ на телевизија 24 имаше одличен одек, помина одлично и натера луѓе кои не гледале филмови ги натера да гледаат – рече Зафирова.
Таа предложи и создавање на платформа на кој би се постирале критички осврти преку која би се допрело до поширока публика.
Зане Балчус сподели искуства од Литванија.
– Генерално, следејќи ги вашите дискусии, можам да кажам дека ситуацијата во Литванија е слична како и овде. Критиките се објавуваа во некои весници и списанија, но сега во некои весници постојат додатоци за култура во кои еднаш неделно се објавува за домашните филмови. Постои онлајн магазин кој целосно е посветен на теми од култура, но тоа е финансирано од фондови и не се целосно независни. Во весниците постојат редакции за култура, но критиките ги пишуваат критичари однадвор. Не можам да кажам дека состојбата е добра, затоа што не е. Што се однесува до институционализираноста, во Латвија постои Национален филмски центар и Здружение на филмски работници, а филмските критичари функционираат во рамките на ФИПРЕСЦИ – рече Балчус.