Оркестарот на Филхармонијата утревечер, 13 февруари, во 20 часот, ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, насловен „24 илјади бакнежи“. На програмата се безвременски љубовни песни – „Еден бакнеж“, „Beautiful Maria“, „Ne me quitte pas“ и други.
Насловот на концертот е извлечен од песната „24.000 baci“, која исто така ќе биде изведена на овој концерт, а напишана во 1961 година од Е. Леони, П. Виварели, Л. Фулчи и А. Челентано. Премиерно била изведена на фестивалот „Сан Ремо“ во изведба на Адриано Челентано и Литл Тони и го освоила второтo место. Се смета за прва рокенрол-песна што влегла во конкуренција за наградата, наедно и за композиција, која ја портретира младината во времето на сексуалната револуција.
Како солист на концертот ќе настапи нашиот тенор со интернационална кариера Благој Нацоски, кој доаѓа специјално за овој концерт од Италија, а исто така настап ќе има и младата македонска вокалистка Светлана Јовановска. Ќе настапи и хор, а во рамките на концертот ќе има и балетска точка во изведба на Кала Каревски, во кореографија на Саша Ефтимов.

Концертот ќе го води маестро Дијана Имери-Илкоска, една од најнадежните македонски диригенти што своето образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар, а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 година.
– Ги поканувам сите љубители на најубавата уметност да ни се придружат и заедно да уживаме во специјално одбрана програма со дел од најубавите љубовни теми. Постарите ќе можат да се вратат во младоста, а помладите да чујат како звучеа љубовните песни во минатото. За мене е особено задоволство да се работи со нашата Филхармонија, како и одличните солисти Благој Нацоски и Светлана Јовановска со кои заедно, се надевам, ќе успееме да ја пренесеме нашата љубов во ова време во кое љубовта ни е особено потребна – вели диригентката Имери Илкоска.
Концертите за Денот на вљубените се традиционална содржина на Филхармонијата повеќе години. Концептуално се различно обликувани од стандардната програмата и најчесто имаат популарен карактер.