Атина – Педесет и две лица се приведени, тројца полицајци се повредени, а нападнат е и еден фоторепортер од полициските сили во завчерашните судири меѓу полицијата и студентите на протестот против најавените реформи во образованието. Според грчката полиција, на протестот присуствувале околу 5.000 лица. За вчера попладне беа најавени демонстрации во пресрет на гласањето на новиот закон за високо образование. („360 степени“)

Сараево – Холандската влада објави дека ќе плати по 5.000 евра за услугата на своите ветерани во Обединетите нации што не успеаја да го спречат злосторството во Сребреница во 1995 година. Владата на поранешниот премиер Вим Кок поднесе оставка во 2002 година, откако холандските власти беа остро критикувани за испраќање војници во опасната зона без соодветно оружје и овластувања. Холандскиот врховен суд пресуди дека Холандија е делумно „одговорна за смртта на околу 350 муслимани убиени од босански Срби за време на злосторството“. (АП)

Атина – Од вчера стапија во сила новите рестрикции во областа Атика, поширокиот регион на Атина, односно се воведе 17-дневен строг карантин, што во видеопорака до граѓаните го најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Учениците во Атина се враќаат на онлајн настава, а затворени ќе бидат и градинките. Полициски час и понатаму е во сила од 21 часот од понеделник до петок и од 18 часот за време на викендите, движењето на граѓаните, како и во изминатите три месеци, е само по претходно испратен СМС. („Независен“)


Бисер балкански

Два моркова на ден

– Пред некој ден видов дека маслото за јадење и брашното поскапеле за половина марка. Секој ден купувам по едно млеко, леб, два-три моркова за супа и една зелка. Со своите 400 конвертабилни марки (200 евра) пензија, немам многу избор. Цените секој ден растат. Немам што да кажам, тешко се живее, а ние не можеме ништо – изјави Јасминка Омеровиќ, пензионерка од Сараево, за поскапувањата на производите што секојдневно се случуваат во Босна и Херцеговина.
За основни животни потреби граѓаните мора да издвојат околу 100 евра. Просечната плата во БиХ за ноември 2020 година изнесувала околу 480 евра, што не е доволно да покрие ниту 50 отсто од месечната потрошувачка кошничка на граѓаните, информира Радио Слободна Европа.