Германскиот главен град Берлин можеби повторно ќе го добие својот озлогласен ѕид барем на четири недели, но сега како уметничко дело. Се предвидува зданието до средината на октомври да биде подигнато околу блок згради во центарот на градот.

Сите што ќе сакаат да ја видат уметничката реплика на ѕидот ќе треба да набават „виза“ преку Интернет, што чини 15 евра. Како што е планирано, кога ќе се влезе во зоната на ѕидот, посетителите ќе мора своите мобилни да ги заменат со други што содржат инструкции за обиколката, документарци, изложби и концерти.

Предвидено е новиот ѕид да биде разурнат на 9 ноември, точно 29 години по падот на вистинскиот Берлински ѕид, кој значеше поделба за градот од 1961 до 1989 години. Уметниците, меѓутоа, сѐ уште чекаат одобрување на градските власти за да почнат со поставување на уметничкото дело.