Посети го музејот
Фотографското ателје на браќата Манаки е сместенo на најпрометната улица во Битола – Широк Сокак бр.102. На куќата е поставена спомен-плоча, на која пишува: „Во оваа куќа живееше и работеше македонскиот културен деец – првиот филмски снимател на балканот Милтон Манаки“.
Семејството Манаки потекнува од гревенското село Авдела, денешна Република Грција. Постариот брат – Јанаки, во Битола завршил средно училиште и заедно со својот брат Милтон во 1904 година купува дуќан на главата улица Широк сокак, кој веднаш почнале да го адаптираат во фотографско студио. Тој се наоѓал на местото на денешниот објект на Широк сокак 102, сега познат како куќата во која живеел Милтон Манаки.
Познати како првите балкански кинематографери, браќата Јанаки и Милтон Манаки ги вградиле сето свое знаење и несебична љубов во регистрирањето голем спектар од настани и личности. Нивната предодреденост, нивната појава преку „сликањето со светлината“ да ги дофатат сите случувања во балкански и европски рамки е редок пример на храброст, верба и целосна посветеност.