Сликата на Пикасо од 1932 година, „Жената што седи покрај прозорецот“ („Femme Assise Près d’une Fenêtre“), која претставува портрет на неговата млада љубовница, ќе се најде на аукција во „Кристис“ на 11 мај во Њујорк. Портретот на „златната муза“ на уметникот од клучниот период од неговата кариера се очекува да ја достигне вредноста од 55 милиони долари.
Сликата, чија вредност се зголемуваше неколкупати во текот на претходните години, претставува своевиден пресврт во кариерата на Пабло Пикасо.
– Годината 1932 беше пресвртница за Пикасо. Тој имаше 50 години, беше успешен и славен… Но што следува по критичниот успех? Дали овој пионер би продолжил да иновира или само би се потпрел на своето минато, на угледот што го градел? – вели Ванеса Фуско, менаџер за копродажба во аукциската куќа „Кристис“.
Среде бурниот брак со Олга Коклова, Пикасо се запознал и започнал врска со 17-годишната Мари-Тереза Валтер, која станала инспирација за некои од неговите најбарани скулптури, цртежи и платна, пишува „Си-ен-ен“.
Додека на многу слики од овој период е прикажана гола жена како лежи и одмора, овој портрет ја отсликува фигурата што е будна и присутна.
„Жената што седи покрај прозорецот“ последен пат беше на аукција во февруари 2013 година, кога беше продадена за 44,8 милиони долари. Купувачот беше единствената личност што наддаваше.
Кога првпат се појави на аукција во 1997 година во „Кристис“ во Њујорк, сликата беше продадена за 7,5 милиони долари, а оваа година се очекува да вреди седум пати повеќе од почетната цена.