Ќе бидат прикажани шест филма, пет играни и еден документарец, кои меѓусебно се разликуваат по теми и по форма
Кинотеката на Македонија од утре до 29 април организира Недела на современ фински филм. Селектор на филмовите е српскиот режисер Бојан Вулетиќ. Ќе бидат прикажани шест филма, пет играни и еден документарец, кои меѓусебно се разликуваат по теми и по форма. Филмовите претставуваат пресек на финската кинематографија во последниве две години, односно оној нејзин дел што досега не сме имале можност да го гледаме на редовните кинорепертоари или на домашните фестивали.
Како што опишува селекторот Вулетиќ овој негов избор на филмови ќе ни даде можност да откриеме еден дел од Европа, кој само навидум е далечен, скриен и студен, но во суштина е многу близок, исполнет со топлина, бидејќи потребата од љубов, пријателство, семејство, вистина, правда и храброст е универзална.
– Возбудливи играни филмови, различни по жанр, од семејни драми до трилери и модерни вестерни во снег и мраз, кои се занимаваат со комплицирани семејни односи, обработуваат различни современи теми: од потребата за слободна љубов, предвременото созревање и недораснати родители, до убивање домашни миленици, одмазди и пријателства. Покрај играните, имаме и еден документарен филм, кој го следи осудениот воен злосторник од поранешна Југославија, кој, за да продолжи со животот, мора да се сретне со своите жртви – вели Вулетиќ за селекцијата на Недела на современиот фински филм.
А филмскиот критичар Стојан Синадинов, пак, ќе забележи дека „Најпрвин, тоа што веднаш се забележува е авторскиот пристап. Во сите филмови режисерите се и автори на сценаристичката предлошка. Темите што се застапени во овој филмски избор се најчесто распадот на семејството, што би се рекло, по сите основи: емоционални, социјални, идеолошки… Тој актуелен ’социјален ДНК’ на финското општество е формиран во вителот на транзицијата на конзервативните средини кон модерност во изминативе децении, но финските автори имаат поширок ракурс на гледање“.
Програмата се реализира со помош на Амбасадата на Република Финска во Белград.