Секојдневно се изненадувам од многу регионални, но и светски артисти, кои се потпираат на македонски песни и теми. Тоа значи дека македонската музика е инспирација за многу музичари. Ние се трудиме да ја презентираме на најдобар начин, вели познатиот музичар и композитор Оливер Јосифовски
Фестивалот „Охридско лето“ во црквата „Света Софија“ во Охрид организираше работилница на темата „Ритамот – движењето, музиката – дишењето“ со познатиот музичар и композитор Оливер Јосифовски. На публиката ѝ беше доловена музичка слика за она што го работи Јосифовски заедно со неговата група „Љубојна“ во текот на изминатите години.
– Се обидуваме тој музички јазик да го презентираме во светот. Малку отсвиревме, малку разговаравме со публиката, се надевам, на општо задоволство. Насловот на работилницата е и нашиот оган и двигател што секогаш нѐ раздвижува во последните 18 години како „Љубојна“, но и пред тоа. Ставивме акцент на убави приказни што ги подготвивме за публиката – вели Јосифовски.
Според него, македонската музика е вброена во светското музичко наследство благодарение на нејзината презентација од македонските музичари.
– Секојдневно се изненадувам од многу регионални, но и светски артисти, кои се потпираат на македонски песни и теми. Тоа значи дека македонската музика е инспирација за многу музичари. Ние се трудиме да ја презентираме на најдобар начин. Оставено ни е огромно културно богатство што многу тешко се носи, а треба да се пренесува – додава познатиот музичар.
Во рамките на работилницата, освен темите поврзани со музиката, беше презентирана и музиката што изминатите години на посебен начин ја создава Јосифовски заедно со групата „Љубојна“. Настапија Вера Милошевска, вокалот на групата „Љубојна“, и воопшто, еден од најдобрите женски вокали во нашата земја, Филип Димишковски на пијано, како и Тимко Чичаковски на егзотичниот арапско-персиски инструмент канон, кој е присутен во нашата византиска чалгиска музика.
Оливер Јосифовски и етногрупата „Љубојна“ ја негуваат македонската традиционална музика и веќе се нејзини препознатливи амбасадори во светот. Работи музика за филм, документарен филм, анимирани филмови и музика за балет. Во моментов создава музиката за нов македонски игран филм. Неговиот творечки опус опфаќа 12 снимени албуми, компилации со групата „Љубојна“, два албума со групата „Фолтин“, како и над 20 џез-изданија од домашната и од светската џез-сцена.