Амбиентот во црквата „Света Софија“ е многу уникатен за секој што ќе го посети овој сакрален храм и е многу необичен и различен од англиските цркви. Има неверојатна уметност исцртана на ѕидните фрески и тоа е многу импресивно и специјално за нас. Исто така, и акустиката е многу специфична и одговара за пеењето на нашата група, вели Даниел Бритејн, член на секстетот
Александра Ристоска
Членовите на акапела-секстетот „Д’квин сикс“ викендов во катедралната црква „Света Софија“ приредија незаборавен концерт за многубројната публика на „Охридско лето“. Со нивното акапела-пеење, уникатност и атрактивност, како и со постојаната комуникација со публиката предизвикаа воодушевување кај публиката. Контратенорите Даниел Бритејн, Тимоти Карлстон, тенорите Николас Маден и Доминик Бланд, баритонот Ендрју Томсон и басот Сајмон Вајтли, велат дека програмата била одбрана за да одговара на сечиј вкус.
– Се претставивме со мешавина од музика, почнувајќи од сакрална до модерни комбинации или трендови. Тоа е репертоар соодветен за секој слушател. Амбиентот во црквата „Света Софија“ е многу уникатен за секој што ќе го посети овој сакрален храм и е многу необичен и различен од англиските цркви. Има неверојатна уметност исцртана на ѕидните фрески и тоа е многу импресивно и специјално за нас. Исто така, и акустиката е многу специфична и одговара за пеењето на нашата група – вели Бритејн.
Музичкиот селектор Васо Ристов вели дека концертот предизвикал несекојдневно воодушевување кај љубителите на уметноста.
– Несекојдневен настан, највисоко можно ниво на акапела-пеење, интонација, динамика, брилијантност, синхронизираност меѓу гласовите, совршенство на изведбата на целиот состав, одлична програма, воодушевена публика. Како музички селектор сум пресреќен за преубавиот несекојдневен настан во црквата „Света Софија“ – вели Ристов.
Публиката не ги криеше своите впечатоци од настапот на уметниците што редовно се претставуваат пред кралското семејство во Велика Британија.
– Концертот беше прекрасен. Ова беше почеток каков што се очекува за „Охридско лето“. Тоа беше навистина кралски секстет, особено со самиот репертоар. Беа совршени. Тоа се уметници од светски ранг, со големо искуство, и особено ценам секогаш кога ќе дојдат уметници од странство што воспоставуваат таков контакт со публиката. Тоа не е само почит кон публиката туку и кон државата во која дошле. Тоа секогаш ми оставало впечаток, а особено сега, сѐ беше извонредно направено – вели Панда Зографска-Беличанец од фондацијата „Томислав Зографски“, која е редовен посетител на фестивалот „Охридско лето“ од 1965 година.
Особено впечатлив беше гестот на уметниците, кои по завршување на концертот ги испратија сите посетители ракувајќи се на влезот од црквата. Публиката воодушевена, но и изненадена. Некои од нив коментираа дека се почестени од гестот уметниците да се ракуваат со посетителите на концертот.
– Ова се вистински уметници, ни приредија незаборавни моменти и нѐ испочитуваа како вистинска фестивалска публика – беше одговорот на посетителите.
Членовите на секстетот „Д’квин сикс“ се дел од групата професионални пејачи на капелата „Сент Џорџ“, кои живеат и работат во дворецот „Виндзор“ во Велика Британија. Поседуваат високи музички стандарди и редовно настапуваат пред кралското семејство.
Репертоарот што го изведуваат е доста разновиден, а покрај делата од раната музичка историја, тука спаѓаат и дела од народната музика, како и аранжмани на дела од поп и џез-музиката. Членовите на овој секстет првпат се во Охрид и на фестивалот „Охридско лето“, но велат дошле со позитивни импресии од нивните пријатели што претходно го посетиле градот.
– Воодушевени сме од убавините на градот, на прекрасните цркви, а ја видовме и тврдината во стариот дел на Охрид – велат членовите на акапела-секстетот „Д’квин сикс“, кои се запишаа во фестивалската историја како уникатни и посебно атрактивни уметници.