Пресек на исклучително успешната соло-кариера на еден од најголемите гитаристи на нашите простори веќе е достапен на „Greatest hits collection“, во издание на „Кроација рекордс“
Меѓу неколкутемина уметници од нашиот регион, кои успеаја да постигнат забележителен успех на светската сцена и да го направат својот бренд препознатлив, секако е и Влатко Стефановски, виртуоз на гитара, кој поради својот уникатен талент и израз го обиколи светот.
Тој настапувал на сцени од сите големини – од помали, како соло акустични перформанси, преку престижни рок клубови, каде свиреше со своите бендови, до големите сали, придружуван од симфониски оркестри.
Пресек на исклучително успешната соло-кариера на еден од најголемите гитаристи на нашите простори веќе е достапен на „Greatest hits collection“, во издание на „Кроација рекордс“.
Компилацијата ја отвора темата „Cowboys & Indians“ од истоимениот студиски албум од 1994 година, по која одат „Кандилце“ и „Сараево“.
Приказната хронолошки продолжува со еден од најголемите хитови на Влатко, песната „Џипси сонг“, а потоа следат хитовите „Калајџиско оро“, „Влатково оро“ и „Глуво доба“ од ценетиот албум „Влатко Стефановски Трио“.
Освен наведеното, изданието вклучува и песни од албумите „Кула од карти“, „Thunder From the Blue Sky“ и „Сеир“, а неизбежен дел од наследството на Влатко се и песните „Бистра вода“ и „Успаванка за Радмилу М.” од незаборавниот акустичен албум „Мајчин јазик“.
Компилацијата завршува со „Funky Junkie“ и „Огледало“ од актуелното студиско издание „Taftalidze Shuffle“.
– Овој избор на моите најголеми хитови од соло-кариерата доаѓа на иницијатива на „Кроација рекордс“ и е дел од нивниот познат серијал „The Greatest Hits Collection“. Заедно одбравме 17 песни кои се најдоа на компакт-дискот, а на пролет се очекува и двоен винил. Изборот претставува пресек на се она што самостојно сум го работел од албумот „Cowboys & Indians“ во 1994 година, до „Taftalidze Shuffle 2020“. Мислам дека направивме добар избор, преку кој фановите ќе се потсетат на сите изминати 26 години, кој може да претставува и поттик за секој што сака повторно да им се врати на песните и албумите кои настанале во изминатиот четврт век. Ако нешто сме пропуштиле, оставаме можност за некоја следна компилација – вели за оваа феноменална колекција Влатко Стефановски.
Ненадминатата техника и уникатниот сензибилитет на Влатко беа подеднакво успешни во етно и рок, но и во блуз, фанк и џез – жанрови кои го обликуваа неговиот музички пат и го обележаа како уметник, а самата компилација, која содржи 17 песни, вечно ќе потсетува на неговата кантавторска умешност и исклучителна виртуозност.
Инаку, насловната страница на компилацијата „Greatest Hits“, ја дизајнираше Иво Т. Монтина, а истата ја разубавува фотографијата на Стефан Рајл. Во внатрешната обвивка има и три концертни фотографии на Жељка Димиќ.