Поголема граѓанска партиципација за вистинска демократија

Фељтонот во девет продолженија „Македонски состојби: Детали и глобали за изборна вртоглавица (Homo politicus наспроти Homo transitionis)“, од авторот Сотир Костов, на читателите им нуди сестрана анализа на појавите, процесите и односите во нашата држава и општество во целост, давајќи одговори на повеќе провокативни прашања: има ли демократија во политичките партии, зошто немаме демократска политичка култура, за аномичното општество и дали нашето општество е „едно општество за сите“, за алката/условот што недостига за владеењето на правото…

(Граѓанското општество мора да биде фокус на демократијата во Македонија)

Македонски состојби: Глобали и детали за изборната вртоглавица (7)
(Homo politicus наспроти Homo transitionis)

Во претходните продолженија беа презентирани основните причини зошто во Македонија наместо вистинска и функционална, имаме формална демократија, која е повеќе од нефункционална. Следуваат завршните согледувања, главните поенти, ставови и заклучоци во анализата (24 на број). Секако, материјалот содржи и предлози за подобрување на нашата демократска пракса.
1. Како општество, веќе 34 години градиме парламентарна демократија. Ама постепено, но евидентно го губиме чувството на сигурност (како институциите и политичките чинители, така и граѓаните) и извесност (дали и како ќе заврши денот и што ќе се случи утре). Како да го губиме здивот и ни недостига енергија за предизвиците со кои сме соочени. Евидентен е расчекорот меѓу она што се посакуваше – изградба на похумано општество, во кое ќе доминира начелото на еднаквост, правичност и солидарност, и она што е конкретна стварност. Сведоци сме на голем број аномалии во функционирањето на системот и демократијата во него. Севкупноста на дејствувањето на сите чинители на демократијата (политика, економија, граѓанско општество) мора да биде фокусирана на одржливоста и сигурноста на сите демократски сегменти на општеството и обезбедување извесност на задоволително ниво. Со неизоставно учество (со висок степен) на граѓаните во сите текови и сегменти на функционирање и опстојување на демократското општество.
2. Меѓупартиските пресметки, тривијалниот собраниски амбиент, партизацијата на државата и општеството, во последните 10-15 години, се основните содржини на политичкиот живот во Македонија. Сите овие девијантни појави особено беа изразени во предизборниот процес, а најмногу во изборната кампања во рамките на претседателските избори во 2019 година, парламентарните избори во 2020 година и локалните избори во 2021 година (мора да се каже дека, помалку или повеќе, ги имаше и претходно, во минатите изборни циклуси). Тие се резултат на хибридна политичка култура на носителите на политичката власт, што е карактеристика на нови млади демократии, општества во транзиција и општества со аномалии во социјалната структура, какво што е македонското општество. На ваквата состојба се надоврзува и клиентелистичката политичка структура на граѓаните избирачи, која е дискриминирачка, деградирачка, бездушна, користољубива и нехумана од аспект на односот власт (која спроведува избори) и граѓани избирачи (кои треба да ја поддржат или не таа власт). Овие две девијантни политички култури го создаваат синдромот „раздробено општество“, во кое општествените, политичките, економските и граѓанските структури се недооформени, нестандардизирани, несозреани, од една страна, и непримерно и неприродно спротивставени и во траен конфликт, поради тоа што се раководени од отуѓени и недефинирани центри на моќ, кои вредносниот систем на општеството го первертираат за 360 степени, т.е. го поставуваат наопаку. Тие структури и таквиот первертиран вредносен систем се основата на која се создава реалноста наречена „хибридна демократија“, како штетна аномалија на вистинската демократија. Овие демократско фалични и морално и интелектуално извитоперени особини на политичките актери и граѓаните избирачи мораме да ги излекуваме и заздравиме со вшприцување вистинска „сива материја“ (демократска политичка култура). Таа сива материја, т.е. демократска политичка култура, е вистинско врзивно ткиво и амалгам на нашиот конкретен социолошки и културен простор. Но само под услов на целосна опфатеност на социјалното милје, од социолошки, комуникациски, политички, културолошки, историски и психолошки аспект.
3. Граѓаните на Македонија, со текот на времето, очигледно станаа поцинични во однос на политиката што ја водат политичките партии во Македонија и помалку склони да учествуваат на избори. Одзивот од 84,8 проценти на парламентарните избори во 1991 г., преку 73,4 проценти во 2002 г., се намали на 52 проценти во 2020 г. Комуникацијата со граѓаните мора да се издигне на повисоко ниво, што претпоставува многу поискрен и почесен однос на политичките партии кон нив. Само така партиципацијата на граѓаните во демократските процеси на општеството и државата ќе се подобри и граѓанинот ќе стане основен чинител на севкупниот општествен живот во Македонија.

4. Сѐ поголем е бројот на граѓани што немаат доверба дека нивните претставници на власт ќе дејствуваат одговорно и дека ќе ги сторат вистинските работи во интерес на тие што ги избрале. (Опаѓањето на довербата кон СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како две водечки партии во Македонија, само за четири години, од 2016 до 2020 година се намали од 891.558 гласа на 642.752 гласа – за цели 248.806 гласа.)
5. Граѓаните избирачи, голем дел од политичарите ги доживуваат како марионети на моќни интереси, а не како доблесни лидери посветени на вредна кауза. Oсобено по референдумот и погазувањето на волјата на избирачите, промената на Уставот и на името Република Македонија.
6. Граѓаните дадоа знак и изразија длабока загриженост за квалитетот на нашиот граѓански живот (општествен, политички, економски, социјален, здравствен). Тоа е јасен сигнал дека тој не е на задоволително ниво. Како прво, перцепцијата за општата социополитичка состојба на населението во Македонија е негативна. Основни чинители за таквата состојба се: состојбата со невработеноста во Македонија е многу лоша – крајно загрижувачка. Во сите релевантни истражувања околу 70 проценти од испитаниците секогаш овој проблем го истакнуваат како најголем и најгорлив; веднаш по невработеноста, зголемувањето на сиромаштијата и намалувањето на личниот стандард, на голем дел кај населението му е проблем, кој зема замав и е горлив; економската ситуација во земјата повеќе од 55 проценти од популацијата ја оценуваат како лоша и загрижувачка; проблемот со образованието на младите и образовниот систем воопшто за 40 проценти од популацијата е основен и најголем. Незадоволни се од политиките на чести промени во системот на образованието, а особено од маргинализирањето на граѓанското општество (претходно наведените бројки и индикатори што се однесуваат на економската и социјална сфера покажуваат недоволна вклученост на граѓаните во демократските процеси); загрижувачка е состојбата и со загадувањето на животната средина и начинот на справување со него. За 55 проценти од популацијата ова е голем проблем, затоа што власта неуспешно се справува со него; повеќе од една половина од населението мисли дека во Македонија севкупните економски, социјални, политички и општествени состојби се движат во погрешна, несакана насока; криминалот, корупцијата и непотизмот се во пораст и состојбата на планот на нивна експанзија е загрижувачка – сиромаштијата се шири и нејзиниот обем станува загрижувачки; Нема владеење на правото, судството (судови, обвинителства) е партизирано, довербата во институциите е на најниско можно ниво.
7. Во овие аномични состојби и времиња, поради евидентните (горенаведени) дезинтегративни процеси, граѓаните се чувствуваат препуштено сами на себе и не секогаш се во состојба да ја воспостават онаа неопходна дистанца што ќе им овозможи непристрасно, реално и објективно да ги перципираат состојбите и опасностите што произлегуваат од нив. По референдумот во9 2018 година и непочитувањето на изразената волја на народот од страна на власта, по компромитирањето на власта со насилната промена на Уставот и името, а особено по неколкуте физички напади и нанесени повреди од страна на полицијата врз демонстранти на митинзи (припадници на навивачки групи, на патриотски здруженија и на интелектуалци, професори и актери) настана една состојба на чуден општествен пасивизам и молк. Сето тоа беше продлабочено и од заканите од казни и репресии, упатени кон граѓаните, од страна на техничката власт и полицијата.

Тој страв се покажа како антрополошка константа, која голем број луѓе ги внесе во „спирала на молчење“. Сведоци на една оптичка и акустична илузија – во поглед на вистинските односи и состојби со и во мнозинството (на власта и во народот) и во поглед на вистинските односи на сила и моќ во општеството. Едните сметаат дека нивното мислење е видливо и преовладува (мислењето на политичарите) и им изгледа повлијателно и посилно отколку што е реално. Другите, пак, упорно молчат и оставаат впечаток на немоќ. Така настанува искривената слика за позицијата и силата на мислењата. Состојба кога мнозинството од власта има погрешна слика за расположението и ставовите на мнозинството од народот.
Мнозинството (првото) погрешно го перципира и проценува мнозинството (второто) – феномен познат како pluralistic ignorance. Тоа е состојба на двојна клима на мислења, за една иста работа, која, како по едно непишано правило, секогаш ескалира со зголемена апстиненција од гласање и намален процент на одзив на гласачите, но и со неочекувани изборни резултати. Крајно време е да се чуе гласот на народот (проблеми, барања, интереси), во вистинската смисла на зборот, а пренагласената партизација на државата и општеството да се сведе на прифатливо ниво и во нормални рамки.
8. Во државата и пошироко во општеството никој веќе не е задоволен од функционирањето, поточно од нефункционирањето на правната држава, селективната правда и бавноста на постапките за повреда на човековите права и слободи. Време е сите општествени субјекти да се заложат за неодложно функционирање на правото и владеење на законите.

Сотир Костов

(продолжува)