Фото: Фејсбук

Охрид: Завршни зборови на судењето за истакнување на знамето од Кутлеш на ѕидините на Самуиловата тврдина

Пред Основниот суд во Охрид вчера заврши процесот што се води против адвокатот Тони Менкиноски, против кого беше поднесено обвинение за нарушување на јавниот ред и мир, со тоа што лично тој ја презеде одговорноста за поставување знаме со сонцето од Кутлеш во центарот на Охрид за празникот Богојавление.
На вчерашното рочиште не се појавија уредно поканетите четворица претставници на МВР, односно четворица раководители на полицијата, од каде што беше поднесена и прекршочната пријава за поставувањето на знамето, како дело според кое се истакнува „знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон“. Од тие причини, судијата Милчо Клишески, кој го води предметот, реши да се заокружи рочиштето со изнесување на доказниот материјал и со завршна изјава на обвинетиот.
– Не се чувствувам за виновен и сакам пред судот да изјавам дека наведеното дејствие, кое ми се става на товар, не е забрането со ниту еден закон, ниту со еден акт во Македонија, дотолку повеќе се чувствувам горд што го истакнав симболот што е културно и национално обележје на Македонците. Без разлика на одлуката на судот јас ќе продолжам да го истакнувам македонското знаме од Кутлеш и во иднина ќе работам ова знаме да се врати како државно знаме на државата Македонија – истакна адвокатот Тони Менкиноски во завршните зборови.
Со завршниот исказ на обвинетиот заврши процесот по предметот, а судската одлука ќе биде соопштена дополнително.
Инаку, Менкиноски ја презеде одговорноста за поставувањето големо 40-метарско знаме со македонското сонце на првиот ред од Самуиловата тврдина во центарот на Охрид, за верскиот празник Водици.
Основниот суд во Охрид на 29 јануари оваа година донесе ослободителна пресуда по предметот што за истото дело беше поведен против Александар Ѓурчев од Охрид, кој го истакна знамето со сонцето од Кутлеш на ѕидот на Самуиловата тврдина во Охрид, на протестот за поддршка на осудените за настаните од 27 април 2017 година во македонското собрание. П.Р.