Потребно е да се обезбедат социјална сигурност и хармонични односи на граѓаните. Во подготовката на ГУП треба да се потенцираат главните карактеристики и проблеми што се значајни за еден простор што претставува посебна целина, се мисли на населба, дел од населба или пошироко

Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (11)

Кога говориме за јавниот простор, пред сѐ мислиме на оној простор изграден и природен на кој јавноста има слободен пристап, како улици, плоштади, отворен простор, паркови, приватни простори од јавен карактер каде што пристапот е слободен. Потребни се сериозни истражувања за тоа што всушност се случува со јавните простори во Скопје и дали тие се во функција на нормалното функционирање на градот и за потребите на граѓаните, особено во централните делови на градот. За жал, има малку истражувања за тоа, но останува впечатокот дека во тој поглед има изразито негативно мислење кај јавноста и експертите, дека се доведени во прашање некои од нормалните функции и потреби на граѓаните, како безбедно движење, потреба од слободен простор, вршење некаква активност на заедничките простори, загадениот воздух и слично.
Ревитализацијата подразбира комплексно согледување на причините на деградација на физичкото и социјалното ткиво на градот, тоа е сложен процес, кој по правило треба да биде насочен кон подобрување на квалитетот на живот, на одредените делови од градот, што претпоставува меѓу другото да се допре до меморијата, суштината на ревитализацијата. Во суштина одржливоста се темели врз рамнотежата на економската, еколошката и социјалната одржливост. Социјалната одржливост во средиштето на интервенцијата ја става потребата на локалните жители за квалитетен живот. За жал, за Скопје има мало сознание што е тоа средиште на квартот, централниот дел од квартот, каде што жителите ќе задоволуваат голем дел од секојдневните потреби и ќе се идентификуваат со местото каде што живеат.
Важноста на квартот како симболички и физички елемент на градот произлегува од потребата за ориентација на жителите што живеат во тој дел од градот и потребата од припадност на тој простор. Имено, вредноста на еден простор за поединецот се базира врз два индикатора: објективни индикатори поврзани со опременоста, услуги, сообраќајна поврзаност, станбен фонд, социоекономски карактеристики на населението и слично, и субјективни индикатори, пред сѐ се мисли на задоволство на населението, доживување на сигурноста, задоволство од услугите, соседството и слично.

Во подготовката на ГУП треба да се потенцираат главните карактеристики и проблеми што се значајни за еден простор што претставува посебна целина, се мисли на населба, дел од населбата или пошироко. Имено, сознанијата за просторот за кој се изработува урбанистичкиот план треба да се базираат и произлегуваат од набљудување, собирање и анализа на податоците до оној момент кога тие ќе се соединат во една синтетичка концептуална форма односно решение. Обемноста на податоците често го обременува донесувањето рационални решенија, одлучувачки треба да бидат оние податоци и истражувања што се значајни за дефинитивните решенија. На пример, како што е случај со Скопје, ако во централното подрачје на градот, површината под зеленило не надминува ни пет квадратни метра по жител, тоа мора да биде значаен показател за проектирање многу интервенции во просторот, кои имаат една заедничка цел – како тој процент се зголеми и приближи до некоја пожелна вредност.
Истражувањето и запознавањето на урбаниот простор се нужен процес, кој ќе овозможи усогласување на голем број функции и реализација на пожелно формирање и обезбедување на социјалната сигурност и хармонични односи на неговите жители. Имено, запознавањето на просторот е многу повеќе од тоа да се направи само едноставна квантификација или статистичка обработка, напротив тоа подразбира запознавање со проблемите на оние што живеат на тој простор, нивните желби, потреби, задоволства, идентификација со населбата, што упатува на реални потези за негово подобрување, обликување и интервенции. За жал, на примерот на Скопје малку е присутно тоа, сѐ уште планерите недоволно се вклучени во проучување и анализи што би биле многу покорисни од воопштени нејасни констатации и заклучоци врз кои најчесто се базира конкретната интервенција.
Проблемите во планирањето најчесто се во доменот на неспособноста на субјектите во обликувањето на просторот, решенијата практично ги реализираат, со што се создаваат реални шанси оние што профитираат работите да ги земат во своја надлежност и да го обликуваат просторот според начела и принципи што малку имаат врска со јавните интереси и одржлив и здрав град.

Да се знае да се одбере решение, да се преобликува и приспособи на условите на зададените економски и социјални можности на корисниците на просторот, да се спроведат мерки за заштита и еколошка одржливост, тоа значи потврда на можностите на планерите и нивната способност да понудат остварлив урбанистички план. Во тој случај урбанистичкиот документ се претвора во инструмент на моќ, да биде деструктивен и целосно неупотреблив во остварување на посакувана цел, која има вредност во функција на здрав живот. За жал, речиси не постои релевантна анализа за степенот на реализација на урбанистичките планови во изминатиот период, иако постои едно уверување дека се реализира само мал дел од проекциите на плановите, што го отвара сомневањето дека се тие нереални, нестручни, неспроведливи и формални. Но тоа говори за начинот на кој ГУП ги дефинира намената и регулативата, што во конкретниот случај на важечкиот ГУП на Скопје се покажало во многу сфери неповолно и нефлексибилно, но и нелогично. На пример, реализацијата на активностите што се во согласност со принципите на заштита на животната средина се исклучени во интерес на почитување регулативи за кои заштитата на животната средина не е во нивниот домен, а тежиштето на расправата е сконцентрирано колку е тоа во согласност со законите и на кое ниво тие се донесени и дали постојат неусогласеност и надлежност на предметот на расправа. Институциите се ставени во ситуација во одреден момент да ја бранат својата надлежност, начин на функционирање, без разлика на нивната ефективност и ефикасност и, што е значајно, за каков интерес станува збор, дали со тоа не се доведува во прашање интерес што има долгорочно и суштинско значење за граѓаните.

Илија Ацески

(продолжува)