Потпишувањето на Дејтонскиот договор, кој џихадистите го протолкуваа и како предавство / Фото: ЕПА

Избувнувањето на војната во Босна и Херцеговина во 1992 година привлече големо внимание кај меѓународната заедница, како и кај јавноста во муслиманскиот свет. Тоа не беше изненадувачки, бидејќи тоа беше најкрвавата војна во Европа по Втората светска војна. По успешната победа на исламските герилци и „светите воини“ на муџахедините во војната во Авганистан против Советскиот Сојуз, многу радикални исламски фундаменталисти од Блискиот Исток, Африка и пошироко сакаа да дојдат во Босна и Херцеговина и да им помогнат на своите муслимански браќа во борбата против „неверниците“, прво Србите, а потоа Хрватите. За исламските фундаменталисти никогаш не била важна националноста, туку верската припадност

Во „Геополитика“ со наслов: Улогата и значењето на муџахедините во Хрватско-босанската војна

По Вашингтонскиот договор, хрватските власти во Босна и Херцеговина имаа послободни раце да апсат муслимански милитанти и да ги принудат да се држат настрана од хрватската полиција. Муџахедините беа бесни од договорот затоа што претставуваше предавство на нивната верска кауза, односно напуштање на создавањето муслимански ентитет во Босна и Херцеговина. Тие се спротивставија на обидите на Бошњаците да ги зауздат. Во април, францисканец од централна Босна коментираше: „Хрватите сè уште имаат проблеми со муџахедините, кои сметаат дека хрватско-бошњачкиот договор е неприфатлив. Но Хрватите чувствуваат промени во воздухот. Исламскиот фундаментализам овде немаше никакви шанси, освен за многу краток период. Муслиманите овде се Европејци“.
Сепак, исламистите продолжија да ја прошируваат својата мрежа и сѐ повеќе борци доаѓаа од Авганистан на Јемен и Судан. Откако Алжирецот Абу ел Маали стана емир на муџахедините во летото 1994 година, имаше повеќе инциденти меѓу муџахедините и Хрватите.
На 1 септември командата на третиот корпус на армијата на РБиХ се сретна со цивилните претставници на Хрватите од Зеница. Причината беше да се смири месното население поради застрашувачкото однесување на Арапите, кои имаа напади на бес поради мали расправии со странски хуманитарци или хрватски цивили. Беше постигнат договор според кој арапските војници требаше да се повлечат од претежно хрватското село Подбрежје, каде што се наоѓаше главниот штаб на муџахедините. Во практика, армијата на РБиХ не направи ништо за да ги протера исламистите или да ги ограничи нивните активности. ХВО се обиде самоиницијативно да интервенира и да спречи група исламисти што патуваа од Травник кон Мостар и Хрватска. Следуваше жестока битка во која загинаа двајца џихадисти од Малезија и Иран.
Големите тензии меѓу муџахедините и Хрватите продолжија во текот на зимата 1994-1995 година.
Хрватот Жељко, кој бил во близината на базата на муџахедините во Подбрежје, им се пожалил на странските новинари: „Или ќе си заминат муџахедините што се во таа зграда (фабриката ’Ватростална’) или ќе мора ние да си одиме. Ни рекоа на 23 декември да ги исклучиме светилките на елките и оттогаш нѐ малтретираат секој ден… Доаѓаат со бошњачки екстремисти во нашите куќи и прашуваат дали куќата се продава. Прашуваат дали наскоро заминуваме. Ни дофрлаат навреди на улица. Но, решивме да останеме“.

Друг локален фармер, Јозо Милановиќ, не беше толку оптимист: „Влегуваат и земаат што сакаат, а кога еднаш им се спротивставив, ми пукаа со рафал преку главата. Во ѕидот сè уште се гледаат дупки од куршуми. Наскоро ќе мораме сите да заминеме“.
Повеќето странски новинари што дојдоа во Подбрежје беа избркани од исламистите со пушки. Меѓутоа, во британски „Тајмс“, Ентони Лојд го опиша она што го видел во зградата на противпожарната станица: „Во дворот висеше црно исламско знаме. Пред редот дотраени теренски возила борците застанаа во групи. Имаше Арапи, белци и Африканци. Повеќето имаа бради, некои ги избричија главите, а сите носеа маскирна облека и оружје, сите беа намуртени, слаби и строги“.
Еден доброволец од Тунис изјавил: „Вака доаѓаме да умреме, а не да заминеме. Затоа ќе победиме… Западот вели дека сме терористи, но погледнете што направија во Африка, во Алжир; никој не им вели дека се фашисти и терористи… Да се стане член на муџахедините е нешто многу сериозно, тоа е жртва. Не можеш да се вратиш дома кога тамошната влада ќе дознае што си станал. Не, ние мора да го следиме вечниот пат на џихадот“.
Во интервјуто, водачот Абу ел Маали налутено негираше дека неговите борци вршат злосторства и дека тие се опасност за регионот. Сè на сè, централна Босна не беше обичен фронт за Ал каеда, но на почетокот на 1995 година таа недвосмислено стана стратегиско упориште за Осама бин Ладен и неговите фанатици што планираа терористички напади во Западна Европа.
На почетокот на февруари 1995 година, во Подбрежје пристигна заменик-претседателот на Владата на РБиХ, Ејуп Ганиќ, кој беше заменик на Изетбеговиќ. Тој јавно ги поддржа барањата на Хрватите, но во практика ништо не се промени. Портпаролот на третиот корпус на армијата на БиХ во Зеница, Спахија Козлиќ, го оправда непостапувањето на босанската влада: „Овие луѓе дојдоа овде да ни помогнат. Нормално си ја вршат работата… Дали ќе се оддалечат не знаеме. Господин Ганиќ ја слушна хрватската страна на приказната. Но, ние немавме никакви проблеми со муџахедините“.
Министерот за одбрана на Федерацијата БиХ, Јадранко Прлиќ, беше поостар: „Не можеме повеќе да дозволиме овие муџахедини да ги тероризираат хрватските населби… Напредокот на Федерацијата зависи од решението на овој проблем“.
На 11 март, заедниците на локалните Хрвати (ХДЗ, ХСС, Хрватската граѓанска партија на Босна и Херцеговина, зеничкиот разгранок на хрватското културно друштво „Напредак“ и Хрватскиот културен круг) објавија соопштение во кое истакнаа дека ветувањата на највисоките државни функционери мора да се исполнат во однос на отстранувањето на единицата Ал муџахид од Подбрежје кај Зеница. Јасно е зошто бошњачките власти не ги елиминираа муџахедините: им беа потребни нивните совети и жива сила за воени операции против српската војска. Соопштенијата на исламистичките организации ги нападнаа Хрватите за ширење гласини и заплашување на муџахединските единици: „Хрватите многу долго се обидуваат да ги протераат муџахедините од Босна за слободно да управуваат со муслиманската земја во своја полза“.

Еден месец подоцна, во март 1995 година, исламистички леток од упориштето во Зеница објави дека борците на џихадот „ги реорганизираат рововите на фронтот и распоредуваат набљудувачки пунктови на голема површина за да бидат подготвени за наредниот период и нов бран напади од Србите и Хрватите“.

Епилог

Инцидентите со муџахедините продолжија, особено по потпишувањето на Дејтонскиот договор, кој џихадистите го протолкуваа и како предавство. Според тој договор, странските исламисти требаше да ја напуштат БиХ, но многумина останаа и добија државјанство на БиХ. Самиот Изетбеговиќ се спротивстави на заминувањето на војниците што се бореле за босанската кауза. По Дејтон, следуваше бран на терор против Србите и Хрватите, особено оние што се вратија во областите во кои живееше мнозинско муслиманско население. Меѓутоа, иако терористичките напади од 11 септември 2001 година имаа ефект кога многу исламисти беа депортирани од Босна и Херцеговина, сепак добар дел остана и продолжи да ја пропагира вахабистичката и салафитската идеологија.

Автор: Матија Шериќ

(Крај)