МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО
Уште ли ќе се лажеме? Прво самите себе, а потоа и другите (во, и) околу нас. Дали воопшто се погледнуваме во огледалото наутро, и што ни е утро, секој си знае за себе. А на сликата од одразот во огледалото ѝ треба троа време за да биде видена од нашите две очи. Двете очи што се лажат самите себе, па штом се огледало на душата, значи нешто овде ја лаже душата? Телото, такво какво што е – распадливо, минливо и краткорочно – е притворено во сетилата. Притворено, а не затворено, затоа што и покрај петте сетила, постои нешто што на човечкиот разум му овозможува да ѕирне отаде превезот на илузијата на материјалниот свет. Голема е веројатноста дека екстрасензорната перцепција и проблесоците во кои информацијата непречено дури и со молскавична брзина преминува од најдлабоките несвесни делови на нашиот ум, до ограничената свест со која мислиме дека ја поимаме реалноста, некако е поврзана со душата. Па така, равенката покажува дека всушност сме свесни дека сме притворени во корпус херметикум, а притворот продолжува до крајот на постоењето на физичкото тело ако умот упорно се труди да ја прелаже душата, а разумот не верува на сопствените две очи затоа што сликата му се чини голема, па затоа се плаши да си признае дека има и трето. Освен тоа, постои и четврто – око на душата, кое не се отвора доколку умот се обидува лукаво да си игра со неа. А на сликата ѝ треба време за да ни текне нам дека ја гледаме. Време за светлината да се одбие од објектот што го гледаме и сенката да ни се претстави како слика. Затоа, лагата на умот никогаш нема да ја прелаже душата, бидејќи преку неа се гледа вистината на постоењето во и околу нас, колку грубо и да е одбивањето на светлината од луѓето и околината…
Здраво живо, Македонијо! Доколку се послужиме со хумор и потсмевање како привремено олеснување кон она што нè вознемирува, би си рекле дека ова е забава за широки народни маси, како од земјава така и од поблиската околина, но и светот. Но кога сме соочени со страв за најголема дестабилизација во две и пол децении независност, некако воопшто не е време за смеење. Ниту пак, потсмевање на едните или другите. Оти сите сме исти, луѓе – најчудни животни. Во текот на животот секој прави грешки, па според тежината на истите тие порано или подоцна трпи последици и ги плаќа – со пари, затвор, здравје, живот, секој со својот крст – велат старите. Човекот се раѓа слободен, а насекаде е во окови. Робовите се борат за слобода, а слободните за совршенство. Што се случува во библиската Македонија и дали „северна“ е новата реалност?
За разлика од буните и востанијата од 19 век, од работата на Организацијата во почетокот на 20 век, сега нема потреба да доаѓаат дописници од поголеми светски весници за светот да види што всушност ни се случува. Орудието наречено интернет ни овозможува да ги споделуваме информациите со брзина толку голема, што почна да се злоупотребува не само од домашни туку и од многу инфилтрирани структури. Оти, одамна многумина овде не се наши, факт. Соочени со виртуелната библиотека „Гугл“, народот почна да заборава дека вистинското знаење доаѓа од личното искуство и книгите, а не од пребарување во робот, каде што зборовите за пребарување се толку добро програмирани. Секоја чест на исклучоците што копале толку длабоко во виртуелната библиотека, па успеале да најдат веродостојни копии од стари книги, а и добиле интернет-писменост. Колективната интернет-(не)писменост е само одраз на колективната грамотност на нашиот народ. Соочени со наметнатиот брз начин на живот (што воопшто не е потребен, ако според параметрите од управување, односно менаџмент на квалитет се премерат вложените часови труд и ресурси и се направи извод за ефикасноста и ефективноста на оние што се трудат), полека но сигурно на колективно ниво ни се вметнаа и навики од тој модерен нов свет. А светот, кутриот, ко да сака да се самоуништи поради нашата деструктивност.
Наместо да се обидевме да ги адаптираме древните традиции и обичаи според кои се водеа и нашите баби и дедовци на случувањата на глобално ниво, па така да ја покажеме македонската визија за космополитизам, ние занемаривме сѐ, под изговор дека било ново време и станавме модерни. Аплауз за Македонците! Сега, децата уште од мали ги галат таблет-компјутерите наместо да бидат во природа, семејните вредности се запоставуваат оти наводно така било во цел свет, а луѓето наместо да станат луѓе во вистинска смисла на зборот, стануваат паразити и во голем број наликуваат на енергетски вампири. Бескрупулозни опортунисти, кои под изговорот за материјална егзистенција, почнаа да се однесуваат како навистина да се свесни за крадењето енергија, на сите нивоа. Социјалните мрежи само му помогнаа на ова застранување и му овозможија на народот да си мисли дека има влијание, дека си го кажува своето мислење, дека помага цели што се толку повисоки од неговите ингеренции, што ако погледнеме пирамидално, не сме ни на најдолното лево ќоше од пирамидата, туку можеби до некоја колиба во нејзина близина. Да не се налутат оние што се изначитале книги и релевантни новинарски информации на глобалната мрежа, ама апла така е. Оние повозрасни од 30 години веќе го прифатија шаблонот на однесување од генерациите постари од нив, па не само што одамна почнаа туку и станаа како оние против кои креваа глас во младите денови. Тие, пак, највозрасните, си продолжија онака како што го правеле тоа квазиелитите во поранешниот систем. Секоја чест на исклучоците! А младината, онаа група што навистина треба да биде катализатор за секоја промена кон подобро, полека но сигурно почна да си оди одовде. Сепак, голем број останаа велејќи дека на крајот треба некој и да остане дома. Бидејќи секој човек се раѓа на определено место, со претходно определена причина. Некој за да си замине, а многумина за да остварат цели и задачи заради што се бореле и нивните предци и целиот нивен народ. Македонски народ. Со исклучок на опортунистите, кои со празна реторика, беден говор на тело и несигурен поглед мислат дека ќе добијат некаков си статус во општеството. Наместо да се дообразуваат, било на универзитети, преку работно искуство или со слободен избор на учебници (секој според своите можности), младите Македонци се впуштија во вителот на новата доба, не гледајќи дека пред нив има амбис. Толку длабок, што доколку си дозволиме да паднеме внатре, ќе одиме подлабоко и од Пандемониумот (поздрав до Џон Милтон). А од таму враќање нема. При три очи, ќори. Бидејќи сме духовни суштества, а не материјални, и покрај густината на телото и затвореноста во петте сетила.
Сонце златно! Трај и прај. Покажи пример на другите, колку и да не веруваат во тебе. Биди Македонец од кој можат да учат не само твоите генерации туку да земат пример и оние повозрасните и највозрасните, па да се освестат. Колку и да те игнорираат, газат, понижуваат, издржи. Затоа што, за волја на вистината, во нашата Македонија сѐ уште има возрасни луѓе што јасно гледаат што се случува, кој ни ја мати водата, но и кој паѓа под притисокот на таканаречениот модерен начин на живот, а и кој се држи според непишаните правила и кодекс на однесување, оставени од нашите предци. Ќе дојде ден кога државата ќе се исчисти од плевелот и ќе си го врати сјајот. А тие, возрасните, модерните, богатите, ќе немаат избор и порано или подоцна ќе се освестат до каде стигнавме во овие децении „државност“.
Си дозволивме секојдневието да ни се завладее попрецизно и умешно од куклен театар. Живееме во теорија на заговор ко 9/11 или нештото си се случува, а ти пак не знаеш што е? Името секако не ти е Џонс, мистер, а ова не е Имагинариумот на доктор Парнасус. Сус!
Па, наместо да се надеваме дека некој поголем од нас, кој очигледно не е наш, ќе ни го оправи есапот, да почнеме да работиме на економска самоиздржливост, враќање на селата и плодородната земја, зачувување и враќање на културното богатство, чување на нашите свети места и промоција на ниво што ќе предизвика целиот свет да погледне кон Македонија. Тогаш ќе биде за арно. А сега, да издржиме пред налетот на модерните светски сили и да се помолиме за мир во Македонија. Истата Македонија за која гинеа партизаните, истата за која се бореше Организацијата, гинеа гемиџиите, а лозарите под псевдоним пишуваа по весници и го подготвуваа полето за културен натпревар. За Македонија, лулката на богомилите, Македонија на Александар, обединителот на светската наука и култура. Голема Македонија од кој во скоро време ќе учи целиот „цивилизиран“ свет, кој упорно се труди да нѐ претстави како „варвари“…
Зошто наместо те љубам, велиме те сакам? Љубовта не е сакање, и обратно. Да ни е жива и здрава Македонија. Љубовта кон татковината ќе ни ја врати сигурноста. Да внимаваме со гордоста и суетата, знаеме чии одлики се. Мир луѓе, мир…
Сите сме еднакви, ама не сме сите исти. Личниот пристап кон вечната убавина на она што го нарекуваме живот нѐ прави различни. Еднакви сме затоа што организмите ни се со ист состав, иако ние и за нашите тела не знаеме нешто особено многу, па често дури и реакциите на сопствениот организам можат да ни изгледаат туѓи. Сѐ додека нема да се спознаеме себеси ќе биде така, а и ќе бидеме различни од она што ни е дадено да го изживееме како потенцијал. Денешната цивилизација покажа и докажа дека иако умее, не сака да напредува во правец што би го олеснил постоењето на целиот жив организам – планетата Земја. Наместо тоа, во нешто повеќе од половина век, човештвото се размножи неколкукратно, а технологиите што се пуштаат за масовна употреба, нивото на квалитет и морални вредности во средствата за јавно информирање, начинот на управувањето со државниот апарат и трудот на населението, научните парадигми и ограничени погледи кон спознавањето на природата, потврдија дека иако многу добро знаеме да дееволуираме, тешко ни е да еволуираме. Веројатно затоа што вака ни е удобно, м? Можеби затоа што и покрај тоа што знаеме дека со редовното користење на „паметните“ уреди си влијаеме штетно на нашите организми, на интернет повеќе зјапаме отколку што читаме, во секојдневието се одродивме и одчовечивме, заборавивме на небото и земјата, нѐ опседна егзистенцијалниот страв и нѐ научија дека парите го вртат светот? Можеби, ама и не е баш така, ѕе!
Заспани во таа „удобност“, можеме и да умреме – не со тело, туку со ум и дух. Човечкиот мозок, поделен на две хемисфери, има постојана потреба од активности што ќе го одржуваат во живот. Човечкиот дух има нужда од мир и спокој за да му овозможи на телото да се исцелува. Парите можат да купат материјални удопства, но не можат да купат мир. „Пара красе, пара гнасе“. Истовремено, духовното може да го стабилизира материјалното. Дух без материја не бидува и обратно. Поминува и втората деценија од она што го нарекуваме нов милениум, а…
м-р Никола Ристевски
• Од книгата „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор СонЅе“
(продолжува)

































