Фото: Министерство за одбрана

Презентација на тактичко-техничките карактеристики на Лесните оклопни возила JLTV и запознавање со активностите, мисиите и задачите на декларираната единица, вториот пешадиски баталјон, беше реализирана денеска во касарната „Јане Сандански“ во Штип пред премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменик министерката за одбрана Елфет Исмаили, генералите Мирче Ѓоргоски и Сашко Лафчиски и амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела Агелер, во рамки на приемот на уште шест нови JLTV возила.

Министерот Владо Мисајловски за време на денешната посета потенцира дека соработката со нашиот стратешки партнер добива на интензитет и дека од позиција, министер за одбрана ќе даде свој максимален придонес за унапредување на состојбите во Армијата, во развој на нејзините човечки капацитети и опрема, во соработка со Генералштабот, со сојузниците и со синдикатите во одбраната.

– Ние заедно со САД и останатите сојузници даваме максимален напор во тренинг, обука, едукација и се разбира модернизација со нова современа опрема која е компатибилна согласно НАТО стандардите и која е согласно Долгорочниот План за развој на одбранбени способности и Планот за опремување и модернизација на Армијата – посочи Мисајловски и додаде „Нашето Партнерство е силно и заеднички продолжуваме да придонесуваме во безбедноста и мирот“

Мисајловски рече дека во овој момент македонската Армија располага со 38 JLTV возила, а согласно договорот Влада со Влада до крајот на 2025 година треба да пристигнат  преостанатите 58 возила,  како и сите оклопни транспортери STRYKER, кои ќе бидат наменети за развој на Лесната пешадиска баталјонска група и Тимовите за специјални операции.

Премиерот Мицкоски упати благодарност до сите припадници на Армијата за нивниот придонес во зачувување на територијалниот суверенитетот и интегритет на нашата татковина и дека Владата се обврзува да ги овозможи сите неопходни услови за нивно беспрекорно извршување на задачите.

– Благодарност до македонските вооружени сили овдека кои што беа со нас и кои што на еден навистина инспиративен начин направија презентација на предизвиците кои што следат, и на тоа што треба ние како влада да направиме во периодот што следи да истите тие ги модернизираме и им овозможиме услови за современа Армија која што ќе одговори на предизвиците на новото време –

истакна Мицкоски и упати благодарност до САД, амбасадорката Агелер и сите вклучени лица од вооружение сили на САД кои помагаат во осовременувањето на македонската Армија.

На настанот се обрати и амбасадорката на САД Анџела Агелер која упати благодарност од страна на САД, претседателот, владата и амбасадата на САД до премиерот Мицкоски и министерот за одбрана Мисајловски за почитување на обврските кои што ги презема нашата земја кон Алијансата.