Фото: Принтскрин

Земјотресот што рано утринава околу четири часот по локално време го погоди југот на Турција, зад себе остави пустош, загинати, повредени и голем број на лица кои останаа затрупани под купишта урнатини и бетон, јавуваат светските медиуми.

Епицентарот, како што е соопштено, се случил на три километри од градот Газијантеп на длабочина од 10 километри. Првиот земјотрес беше со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, а следниот еден час подоцна беше со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала.

Првичните податоци покажуваат дека само на југот на Турција се уништени или урнати 130 згради. Во некои градови, според објавеното, урнати и срамнети со земја се цели згради.

Според информациите од тамошните медиуми, пожарникарите и спасувачите не можат да стигнат на секое место бидејќи се урнати голем број згради и објекти. Се стравува дека бројот на жртвите ќе се зголемува. Кахраманмарас е град кој претрпе исто така страшни разурнувања во двата силни земјотреси на југот на Турција.

Турските власти упатија официјален апел до светската јавност дека на земјата и е потребна сета помош, пред сè од медицински лица и спасувачи, за да им се помогне на настраданите на југот на Турција и да се зголемат шансите повредените и преживеаните да бидат спасени од купот бетон.

Официјалниот број на загинати низ Турција и Сирија сега изнесува повеќе од 300, со речиси 2.000 повредени, јавува „Си-ен-ен“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се огласи по катастрофалниот земјотрес што ги погоди јужна Турција, Либан и Сирија.

– Нашите спасувачки екипи веднаш беа испратени во подрачјата погодени од земјотресот. Нашите институции веднаш почнаа со работа. Се надеваме дека заедно ќе ја преживееме оваа катастрофа што е можно поскоро и со најмала можна штета – порача Ердоган на Твитер.

Сириското Министерство за одбрана објави дека ги мобилизира сите свои единици во сите провинции за да им пружи итна помош на жителите погодени од земјотресот, да бараат луѓе затрупани под урнатините и да ги лекуваат повредените.

Белите шлемови, познати и како сириска цивилна одбрана, го прогласија северозападниот дел на Сирија за „област на катастрофа“.

Тие додаваат дека под урнатините има стотици повредени и затрупани луѓе.